Македонија
16. December 2021 - 18:48

Мицкоски по средбата со Ахмети: Во преговорите со Бугарија да не се коленичи и да се покаже карактер

По средбата со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека разговарале на тема спорот со Бугарија.

- Разговаравме за две теми генерално, еден час траеше средбата, првата тема беше спорот со нашиот источен сосед каде што јас ги повторив нашите тези принципиелниот став да се почитува Резолуцијата усвоена од Парламентот, од сите политички партии и изразив загриженост поради фактот што колку повеќе ги напуштаме нашите преговарачки позиции, толку повеќе барањата од нашиот источен сосед  се поголеми и на тој начин само се уништува преговарачката позиција и ништо не се добива за возврат, кажа Мицкоски.

Како што вели, тој и неговата партија сметаат дека во преговорите со Бугарија да не се коленичи и да се покаже карактер

- Јас лично и ВМРО-ДПМНЕ цениме дека треба да се напушти принципот на коленичење и сервилност, треба да се покаже карактер и да се вложиме максимално сите за да го покажеме тој карактер тоа е она коешто е моја порака, како и тоа дека доста е од срамови и понижување, народот е фрустриран затоа што многу отстапки направи во оваа наша независност, а во суштина уште сме во предворјето и не можеме да го почнеме тој процес на преговори. Тоа е нашата принципиелна позиција и таа позиција подготвен сум да ја бранам и со факти и со аргументи било каде и пред било кој, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.