Македонија
29. August 2024 - 16:36

Mицкоски-Пленковиќ: Дојде време да се исправат неправдите кон Македонија

Хрватска останува силен поддржувач на европската интеграција на Македонија. Со највисоки државни почести премиерот Мицкоски кој е во прва официјална посета на Хрватска утрово беше пречекан од својот хрватски колега. Пленковиќ порача дека созреа времето да се исправат сите неправди кои Македонија ги претрпе изминатите 2 децении.

Темата која го оптеретува европскиот пат на Северна Македонија по наше мислење е неправедна кон македонскиот народ, македонскиот идентитет. Мислам дека толку остапки се направени од македонска страна што ретко кој народ и држава би прифатила да направи толку исчекори од своја страна за да го забрза својот пат кон членството во Европската унија, изјави Пленковиќ

Иако голема е желбата на македонските граѓани да станат дел од ЕУ, Македонија е во вртлог кој нема извесен крај порача и премиерот Мицкоски.

Вели дека Владата интензивно ќе работи на реформите, иако стартот на преговорите само за Македонија не зависи од тој процес.

Ние имаме многу внатрешни проблеми и тие ќе ги решаваме и тука не треба да има дилема, ќе работиме колку е потребно. Тоа што не зависи од нас е токму почетокот на преговори. Тоа за жал зависи и од други. Ние направивме доволно сега треба некој да ни ја поотвори врата за да можеме да влеземе во таа просторија за да почнеме да преговараме и да покажеме колку можеме, истакна Мицкоски.

Македонија и Хрватска денеска потпишаа повеќе договори за соработка. Двете држави ќе разменуваат експерти за лекување на пациенти, за стручно усовршување на здравствените работници, за донирање и трансплантација на органи, а ќе соработуваат и за превенција и рано откривање на карциноми.

Основците и средношколците ќе можат да се школуваат под исти услови во било која од двете држави, додека студентите им се отвора можност да се запишат на било кој факултет по исти цени како за домашните студенти.