Македонија
18. October 2024 - 16:32

Мицкоски не очекува големи потреси на пазарот со електрична енергија во земјава

Премиерот Мицкоски не очекува турбуленции на пазарот со струја во Македонија. Според него, како ќе доаѓа зимата, така Украина ќе има потреба да влече струја од Европа, бидејќи таму е уништен електроенергетскиот систем, а тоа ќе ја зголеми цената на струјата на берзите. Но и покрај тоа, не смета дека ќе има големи „потреси“ дома.

„Капацитетите со коишто располага државата подготвени ќе ја дочекаат и ја дочекаа оваа грејна сезона и не очекувам да имаме некои позначителни потреси на пазарот. Во моментов работат двата блока во РЕК Битола, бидејќи нема потреба за повеќе, а од втората половина на декември по потреба ќе биде вклучен и третиот блок“ изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски останува на предизборното ветување дека давачката од 200 денари за пристап до мрежа ќе биде укината, но прво ќе се чекаат пресметките од Регулаторна.

„Ние ветивме дека таа давачка ќе биде укината и во текот на мандатот на оваа Влада ќе биде укината. Во овој момент работиме на консолидирање на електроенергетскиот сектор и мислам дека Регулаторната комисија за енергетика ги прави пресметките. Кога тие ќе бидат готови ќе донесеме одлука која што е најважна и најдобра за граѓаните“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Оваа ставка најмногу ги погоди оние кои штедат, бидејќи без разлика кој колку потрошил, давачката од 200 денари е фиксна.

Во меѓувреме, енергетските компании веќе ги доставиле барањата до Регулаторната Комисија и до крајот на ноември ќе се одлучува каква цена ќе плаќаат граѓаните и малите бизниси од 1 јануари.

До крајот на годината дополнителен час евтина дневна тарифа нема да има, затоа што ќе треба да се скратат 2 часа од ноќната евтина.