Македонија
29. January 2025 - 17:02

На онкологија почна да стигнува дел од терапијата која беше дефицитарна

На онкологија попладнево се доставени два од шестте дефицитарни лекови кои болните од рак ги чекаат повеќе од десет дена. Директорот на Клиниката вели дека денеска ги потпишале анексите на постоечките договори за биолошката терапија која недостигаше, а при крај била и постапката за донација. Тој уверува дека од утре пациентите ќе почнат да ги добиваат неопходните лекови. 

- Некои во текот на денешниот ден, некои до крајот на неделата, а некои на почетокот на идната недела. Работиме заедно со Фондот да обезбедиме континуитет за набавка на терапија со годишната јавна набавка, изјави проф. д-р Игор Стојковски, директор на Клиниката за онкологија.

И утринава на онкологија имаше пациенти кои чекаа да добијат биолошка терапија.

- Сопругата треба да прима биолошка терапија, но ја немаа и денеска, изјави Ерол Беќири, сопруг на пациенткка на Онкологија.

- Апелирам до пациентите во нивни интерес дека сите ќе бидат информирани кога да дојдат, изјави директорот на УКРО.

Додека болните од рак ја чекаат неопходната терапија и денеска СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се препукуваа кој криел документи и кој профитирал преку онкологија.