Мицкоски најави блокада на Законот за амнестија, Ковачевски не е изненаден
ВМРО-ДПМНЕ најавува целосна блокада на законот за амнестија. Лидерот на партијата вели дека со амандмани ќе спречат носење на закон со кој од затвор ќе излезат криминалци кои вакво ветување добиле од коалициските партнери, СДСМ, ДУИ и Алијанса
Тоа се преземени обврски кон криминалците кои што се на отслужување на затворска казна, дел од нив да добијат намалување делумна амнестија, дел да добијат целосна амнестија и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат, можам да ги разочарам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да се пресмета со криминалот од било каков облик, дали се тоа вакви криминалци кои што се занимаваат со изнуда, ограбувања, рекетирање, насилство итн. или политичките криминалци кои што денеска се дел од владата“, нагласи Мицкоски.
Премиерот Ковачевски не е изненаден од ваквите најави бидејќи вели дека опозицијата го блокира речиси секој закон.
Сепак во рамки на собраниската дебата Ковачевски вели дека ќе стане јасно дека овој закон за амнестија е порестриктивен од сите претходни.
Од она што го имам како информација во мојот кабинет, јас верувам дека тоа ќе се случи утре во 12 часот, при што во детали ќе го образложи предложениот закон за амнестија, кој не е прв во државата што се носи како таков, бидејќи мислам дека во 2018 година се носеше таков закон со тоа што овој е порестриктивен во однос на тоа што тогаш беше донесено, а целите се растеретување на затворскиот систем и нормално санкционирање, односно неовозможување на каква било амнестија за оние, кои извршиле тешки кривични дела и се точно и детално наведени во законот, рече Ковачевски.
Законот за амнестија кој вчера го усвои Владата во Собрание оди по скратена постапка. Тоа во пракса ќе значи дека законот ќе оди директно на второ читање во матичната собрансика комисија, но без рокови за амандманската расправа.
Со ова законско решние од затвор излегуваат сите осудени до 6 месеци, оние со казни над 6 месеци ќе добијат за 30 проценти намалени казни. Со амнестијата не се опфатени сторители на 20тина потешки кривични дела, избрани и именувани функционери и лица кои се бараат со потерница.
-
Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар