Бизнис
3. April 2020 - 21:33

Мицкоски: На економијата и требаат итни мерки и пари веднаш

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски смета дека итно треба да се искористат средствата што државата ги има на располагање дома, со цел побрзо да се вбризгаат во економијата и да се санираат штетите од кризата со ширењето на коронавирусот, а во меѓувреме да се бараат пари и од надвор за да не дојде до нејзин целосен колапс.

Тој гостувајќи во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија истакна дека парите што се бараат од надвор може да стасаат предоцна, кога, како што рече, нема да има кому да се помогне, што би било случај и кога државата би се одлучила парите од дома да ги користи на крај ако не најде на светските финансиски пазари од каде да позајми.

Дека состојбата со собирањето средсвата за Буџетот е сериозна, според него може да се види и од податоците на Управата за јавни приходи според кои во првите три месеци од планирани 22 милијарди денари успеала да собере, само 19 милијарди денари, што е за три милијарди денари или 50 милиони евра помалку. Прашање е, рече тој, што ќе се случи, во април кога ќе треба да се соберат приходите за март и колку тие ќе бидат пониски од планираните. Ова е рече, еден сегмент од полнењето на Буџетот, но потенцира, јасно говори што се случува и ќе се случува.

-Ако според целокупната информација што доаѓа до мене сето она што го имам како информација дека оваа криза отприлика ќе трае до, да речеме, првата половина или втората половина на јуни, кога ќе почне да се нормализира економијата, тогаш мене ми е важно како да имам јавна потрошувачка и да не ми застане економијата да ги обезбедам бизнисите со вработените за март април и јуни, што е од прилика 48 до 50 милијарди денари или околу 800 милиони евра, рече Мицкоски.

Дел од тие средства, според него може да се најдат со пренасочување на уплатата на средствата за пензиско и инвалидско осигурување во наредните месеци, но и преку државни харии од вредност. Дополнително рече, за справување со штетите, може да се бара одложување на плаќањето на долгот што земјава требаше да го плати годинава, со цел парите да останат во економијата.

Во врска со тврдењето дека не смее да се зафаќа од средствата на граѓаните во вториот капитален пензиски фонд, Мицкоски посочи дека може тие во наредните месеци да се пренасочат, а потоа кога ќе се стабилизира ситуацијата да им бидат вратени на друштвата и нивните членови. На ваков начин, рече, ќе се заштити економијата во услови на криза, а на ниту еден граѓанин нема да му недостига ниту денар од неговите срества. Ова, рече Мицкоски, веќе почнуваат да го применуваат и други земји.

Мерките на Владата ги оцени како лоши, не осмислени, кои, според него, го оставаат бизнисот во немилост во наредните два три месеци, период кога финансиска помош и поддршка му е неопходна.