Македонија
18. October 2024 - 16:32

Мицкоски и врати на Јотова: Почитувајте ги Македонците во Бугарија

Шефот на македонската влада преку интензивни средби со европските челници , ќе бара поддршка за откочување на македонските интеграции.

Најпрво во Австрија на средби со државниот врв, па состаноци со Европската политичка заедница во Будимпешта, а во Скопје следната недела доаѓа и шефицата на ЕК. Во пресрет на состаноците и по одржаните средби со германскиот државен врв, Мицкоски е поголем оптимист за откочување на интегративниот процес.

Но се уште нема донесено конечна одлука дали ќе испрати писмо до Брисел за да го презентира планот.

По ваквите најави на Мицкоски за писмо до европските институции, бугарската потпретседателка Јотова испраќа порака до македонските власти со поголемо разбирање да ги читаат европските вредности.

„Би сакалa да ги повикам моите колеги од Република Северна Македонија да ги читаат со поголемо разбирање европските вредности, бидејќи тогаш, кога ќе започнат вистинските преговори за пристапување во ЕУ, има едно основно, прво поглавје, а тоа се нарекува 'Основни права'. Тие основни права минуваат низ целиот преговарачки процес и ако има барем една држава, која смета дека не се почитуваат човековите права, особено тие на претставниците на различни нации и народи, тој процес никогаш нема да заврши“.

Мицкоски и врати, Бугарија да доволи Македонците да се организираат макар и во невладини организации на бугарската територија и да ги почитува одлуките на меѓународните судови.

А додека Јотова испраќа пораки до Скопје, на Бугарија и тече рокот во  кој до 16-ти декември треба да му одговори на Советот на Европа зошто не ги спроведува одлуките на Судот за човекови права во Стразбур кои се однесуваат на македонското малцинство, но и да каже што ќе преземе за да се смени бугарскиот Устав, за да се гарантираат правата.