Македонија
21. јуни 2020 - 14:52

Мицкоски: Економски и политички да ја вратиме Македонија во нормален колосек

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска го посети Куманово и оствари средба со граѓани и членови на партијата. Тој рече дека во наредниот период ќе ја презентираат програмата и ќе разговараат со граѓаните за актуелната состојба и предизвиците. Мицкоски потенцираше дека изминативе три пол години граѓаните се соочуваат со лоша економска, политичка состојба, од страна на сегашното раководство на СДСМ и Зоран Заев, со лошо менаџирање на Ковид пандемијата. Тој во изјавата за медиумите рече дека додека Европа ги отвора границите, кај нас се бележат најголеми пикови и рекорди по број на луѓе кои го губат животот.

– Најпрвин да ја поразиме пандемијата наречена ова раководство на СДСМ и Зоран Заев, а потоа да ја совладаме пандемијата со Ковид 19 вирусот, се разбира и економски и политички да ја вратиме Македонија во нормален колосек, а не она каде што сега силно ита, а тоа е бездна која ја предводи ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев, рече Мицкоски.

Одговарајќи на новинарско прашање дали се вистинити фотографии на кои неговата мајка не се придржува кон протоколите, Мицкоски рече дека потекнуваат од еден центар, СДСМ и нагласи дека не ни очекувал ништо конструктивно и креативно, туку само невистини.

– На интернет беа пренесувани со лажни вести од страна на т.н. новинари дека јас сум бил виден со мојата мајка пред некој ден. Тоа е стара фотографија од 2019 година од 2 август во Охрид, во еден ресторан сликана е таму и точно знаеме од кој активист од Охрид е сликана таа фотографија. За жал, една година потоа, злоупотребувајќи ја практично состојбата со здравјето на мојата мајка, таа фотографија излегува на социјалните медиуми, со реторика дека мојата мајка и јас не сме се придржувале до протоколот, рече Мицкоски.

Тој додава дека останува уште малку време, а потоа ќе мора да се соочат со срамот и ќе треба да одговорат пред јавноста зошто во моментите кога нацијата е обединета, политички, верски, национално, луѓето кои потекнуваат од СДСМ, лажат и монтираат и злоупотребуваат луѓе во политички цели.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека разговарал со Владо Мисајловски за фрлената експлозивна направа и ги знае деталите.

– Индициите се дека ги знаеме сторителите, врз основа на информациите кои ги добив, патувајќи кон Куманово. Има индиции за сторителите на ова дело, го охрабрувам МВР, СВР Скопје, надлежните, што побрзо да го расветлат ова недело. Јас сум свесен за стравот којшто определени структури политички, политичари го чувствуваат поради дебаклот којшто ќе им се случи на 15 јули и ги повикувам да не конструираат вакви сценарија, бидејќи и после 15 јули треба да има живот во нашата држава, рече Мицкоски.

Тој рече дека вакви сценарија не се добро за никого, бидејќи може да биде лошо и за државата, бидејќи треба да се почнат преговори со ЕУ, за да стане членка на Унијата.

Тој го осуди овој чин и порача дека не се плашат.

– Напротив, ако тоа им е целта на овие криминалци диригирани од еден центар на моќ и оркестрирани и сценарирани од страна на власта, декa не им се плашиме, напротив ова повеќе не мотивира, рече Мицкоски.

Тој нагласи дека ќе чекаат институциите да го расветлат настанот, а доколку тоа не се случи вети дека после 15 јули ќе ги стигне правдата и ќе бидат пример како се постапува во новата Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кога прaвдата ќе затропа на вратите на злосторниците и криминалците коишто ја злоупотребуваат сегашната ситуација за да спечалат политички поени.