Македонија
15. January 2020 - 19:19

МФ: Покачување на прагот за мали пратки делува контра сивата економија

Мерките кои ги иницираме и носиме се однесуваат на намалување на сивата економија,  поволности за даночните обврзници и поедноставување на постапките, вклучително и за сметководителите – накратко сосема спротивно од тврдењата изнесени денес од Комората на сметководители.

Посочуваме –  еден од главните приоритети на Министерството за финансии е токму борбата против сивата економија и носење мерки против сивата економија. И преку подигање на прагот за ослободување на царина кај малите пратки до 90 евра, посредно се делува контра сивата економија. Зошто? – Бидејќи со зголемување на прагот за ослободување се намалуваат мотивите за избегнување на плаќање увозни давачки – и стоките влегуваат по регуларен пат. Да напоменеме дека граѓаните кои се враќаат од странство преку граничен премин, и претходно и сега можат да внесат стоки во вредност до 350 евра, што е значително повисока сума од нарачување по пошта. Исто така ќе посочиме дека ова е препорака на Европската комисија, која укажа дека прагот за ослободување претходно бил премногу низок, како и дека има негативни последици од тоа. Инаку прагот за ослободување согласно ЕУ и ЦЕФТА препораките е дури повисок од оној кој е воведен, односно 150 евра.  Министерството за финансии ги калкулираше буџетските импликации за оваа мерка, оценувајќи ги како незначајни со оглед на многуте придобивки од мерката.

Покачувањето на прагот за ослободување од царина при порачка на мали пратки им овозможува поголем избор на граѓаните – ако купуваат од странство, ќе купуваат и од дома, како што ќе расте домашната понуда. Со тоа ќе се развива е-трговијата и ќе се создадат многу можности, особено за малите и средни претпријатија во земјава. За тврдењата дека ќе се препродаваат производи – секако дека имаме конкретни мерки а се работи и на акциски план со кои се и ќе се адресираат сивата економија и нелојалната конкуренција, како и конкретни мерки за сивата економија во е-трговија, за што е формирана и работна група и имаше организирано јавна дискусија на која присуствуваа и коморите.

Во однос на тврдењата на Комората на сметководители за нови оптоварувања поради образецот даночен биланс, тие се сосема неосновани. Во Даночниот биланс се имплементирани двете измени донесени со Законот за данок на добивка – кои се многу поволни за даночните обврзници. Тоа се измени кои поминале претходно во Собрание, поминувајќи ја собраниската и владината процедура, односно биле комуницирани во јавност – следствено ова не се новини.

Законските измени носат само поволности за даночните обврзници, а не дополнителни оптоварања и истите се во интерес на даночните обврзници. До 15 март даночните обврзници имаат доволно време да го поднесат Даночниот биланс. Даночниот биланс е извештај и со него не се менува Законот. Меѓу останатото со новиот Даночен биланс значајно се прецизираат даночните позиции што е секако форма на олеснување на сметководителите.

Во однос на обрасците за регистрација и дерегистрација за ДДВ до нив може да се пристапи преку електронскиот систем е-даноци и да се изврши електронско поднесување. Исто така, Министерството за финансии направи прирачник за ДДВ обврзници, на која на едноставен начин е објаснета постапката за регистрација и дерегистрација. Истиот е објавен на веб-страната на Министерството за финансии https://finance.gov.mk/files/priracnik_ddv_obvrznik.pdf. Ќе напоменеме дека и покачувањето на прагот за регистрација од еден милион на два милиони денари за ДДВ обврзник е во насока на барањата на бизнис заедницата,а како форма на поддршка и намалување на товарот токму на малите и средни претпријатија.

Министерството за финансии секогаш е подготвено за разговор со бизнис заедницата заради подобрување на условите за водење на бизнис и во таа насока во наредниот период ќе иницира средби на кои ќе се разговара за нови мерки, постапки и процедури заради оставарување на заедничките цели.

На барање на бизнис заедницата, а заради подобрување и поедноставување на примената, прогресивниот данок на личен доход беше одложен, што беше поздравено и од страна на коморите. Одложена беше и примената на повисоката даночна стапка од 15%, како и почетокот на оданочувањето на каматите на депозити и капитални добивки од хартии од вредност. Во насока на олеснување на постапките и процедурите за бизнисот, минатата година беше укината и сметкопотврдата за суми до 6.000 денари – документ останат уште од времето на Југославија, кој веќе немаше намена. Токму сметководителите, голем број од нив, јавно го поздравија ова бидејќи ја олеснува нивната работа.