Свет
31. December 2017 - 8:51

Меркел: Потребна е солидарност и взаемно почитување во политичките спорови

Германската канцеларка Ангела Меркел во новогодишното обраќање повика на солидарност и взаемно почитување во политичките спорови.

-  Да се потсетиме повторно кои вредности не обединуваат, повторно да ја ставиме заедницата во преден план, да се обидеме повторно да посветиме поголемо внимание еден на друг, но вистинско внимание - навистина да бидеме внимателни, навистина да слушаме, да покажеме разбирање, рече Меркел.

Таа вети дека ќе се заземе за справување со растечките социјални разлики во германското општество и дека ќе работи за составување стабилна влада.
    
Како приоритети ги посочи зголемувањето на инвестициите во безбедноста и одбраната, подобрување на здравството и образованието, како и напорите за надминување на растечката нееднаквост помеѓу градот и селото.  

- Светот нема да не чека. Сега треба да ги создадеме условите кои ќе гарантираат дека Германија ќе продолжи да просперира следните 10-15 години. А Германија ќе просперира само ако успехот се однесува на сите луѓе и им го подобрува животот на сите, додаде Меркел.

Според неа, клучното прашање во наредните години ќе биде зајакнувањето на Европската унија и нејзиниот економски успех, а во исто време да ги зајакне надворешните граници и безбедноста. Канцеларката вети дека следната година, заедно со Франција, ќе ја промовираат кохезијата на ЕУ.

- Иднината на Германија е поврзана со иднината на Европа, истакна Меркел, додавајќи дека сите 27 земји членки треба да покажат солидарност.

Заедницата мора да ги заштити своите вредности, како внатре, така и надвор од своите граници и мора да го стори тоа со солидарност и со доверба во својата моќ. Станува збор за тоа дали можеме да работиме за фер и економски успешна Европа. Германија и Франција се подготвени да работат заедно за таа цел, истакна канцеларката Ангела Меркел во новогодишното обраќање.