Балкан
9. July 2015 - 16:55

Меркел: Добар развој на БиХ може да биде просперитет за цел регион

Во БиХ има проблеми кои треба да се надминат и сметаме дека тие се многу комплицирани, но целиот регион може да просперира само со добар развој на БиХ, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на прес-конференција во Сараево.

Таа изрази задоволство од стапувањето во сила на Договорот за асоцијација и стабилизација меѓу БиХ и ЕУ.

- Сега пред нас се наоѓа следниот чекор, а тоа е патот кон статус земја кандидат и на тој пат имаме задача, а тоа е усвојување реформска агенда. Се согласивме дека спроведувањето реформска агенда од една страна е лесно, но од друга страна со себе носи тешки одлуки, истакна Меркел.

Претседавачот со Претседателството на БиХ, Младен Иваниќ изрази вистинско задоволство од добрите меѓусебни односи.

- Јасно нагласив дека БиХ не е идеална земја во која е се организирано како што треба, но е земја кој во споредба со проблемите сепак одлично функционира и отвора простор и перспектива за луѓето кои се свртени кон иднината да најдат решение и да овозможат подобар живот за сите, додаде Иваниќ.