Меланија Трамп: Уште седум украински деца вратени од Русија

Уште седум украински деца се вратени од Русија на нивните семејства, што претставува охрабрувачки знак за соработката меѓу двете земји, изјави денеска првата дама на САД, Меланија Трамп. Изјавата следеше ден по оценката на претседателот Доналд Трамп дека патот кон мирот во Украина „и понатаму останува нејасен“.
Меланија Трамп ја постави репатријацијата на украинските деца како свој приоритет во рамки на напорите на администрацијата на Трамп да го заврши речиси четиригодишниот воен конфликт во Украина. Во октомври таа соопшти дека воспоставила директна комуникациска линија со рускиот претседател Владимир Путин, преку која веќе се вратени неколку деца, најавувајќи нови процеси на репатријација.
Во најновиот циклус, до своите семејства се вратени шест момчиња и едно девојче, соопшти нејзиниот кабинет.
„Ја пофалувам упорната дипломатија на Русија и Украина и нивното раководство во обидите децата повторно да се обединат со своите семејства. Почнуваат да градат мостови во средина на видлива соработка, што е сидро на оптимизам“, наведе првата дама.
Во меѓувреме, украинските власти денеска ја обвинија Русија дека испраќа украински деца, „киднапирани“ од окупираните територии, во кампови за „превоспитување“ во Северна Кореја. Украинскиот народен правобранител за човекови права Дмитро Лубинец соопшти дека постојат нови информации за логори во Северна Кореја каде, според него, децата се изложени на присилна „русификација“ и „милитаризација“, пренесе францускиот весник 20 Минутес.
– Секое дете мора да биде пронајдено, заштитено и вратено дома. Украинските деца не смеат да се користат како оружје во рацете на агресорот, изјави Лубинец.
На сослушување пред американскиот Сенат, претставничката на украинската невладина организација Регионален центар за човекови права, Катерина Рачевска, изјави дека организацијата идентификувала 165 „кампови за превоспитување“ во кои Русија држи украински деца. Камповите, според неа, се наоѓаат на окупираните украински територии, во Русија, Белорусија и Северна Кореја.
Украина тврди дека Русија од февруари 2022 година киднапирала најмалку 20.000 украински деца, од кои досега се пронајдени само 1.850.
МИА
Ново на Сител
-

Мисајловски: Следува нова ера во модернизацијата на македонската Армија
-

В недела продолжува судењето за корупција против Бенјамин Нетанјаху
-

За шест години во албанските затвори починале 139 осуденици, повеќето од здравствени причини, а 12 извршиле самоубиство
-

ЈО и ДЗР: Зајакнување на соработката за заштита на јавниот интерес
-

Трамп бара конкретни чекори од НАТО за Ормуската Теснина
-

Иран го ограничи преминот низ Ормуската Теснина на 15 бродови дневно
-

Мерц: Израелските напади врз Либан го загрозуваат примирјето со Иран
-

Мицкоски: И покрај историски најголемиот обем на криза, Владата се справува прилично стабилно
