Свет
12. April 2017 - 9:56

Матис: Режимот на Асад е одговорен за хемискиот напад во Сирија

Нема сомнеж дека режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад е одговорен за хемискот напад на 4 април, изјави денеска американскиот министер за одбрана Џејмс Матис на заедничката прес-конференција со генералот Џон Вотел, кој командува со американските сили во Бискиот Исток. 

Матис нагласи дека оваа изјава ја дава врз основа на разузнавачките податоци. 

- Еден тежок воен одговор беше најдоброто што можеше да се направи со цел да се дестимулира режимот да презеде друг напад од ваков вид, објасни Матис по повод американскиот ракетен напад врз базата на сириските воздухопловни сили, што беше извршен по хемискиот напад. 

- Таа воена акција покажува дека САД нема да стојат, без да преземат нешто додека Асад го крши меѓународното право и користи хемиско оружје, додаде Матис. 

Тој посочи дека стратегијата на САД во Сирија останува иста - победа на џихадистичката група Исламска држава. 

Матис забележа дека американската воена акција имала за цел да испрати јасен сигнал во врска со прашањата за хемиско оружје и не бележи зголемување на учеството на САД во Сирија. 

Американскиот министер за одбрана наведе дека односите меѓу САД и Русија нема „да излезат од контрола“ откако САД минатата недела лансираше 59 крстосувачки ракети на воздухопловната база Шајрат во Сирија. 

- Сигурен сум дека Русите ќе дејствуваат во најдобар интерес за себе и дека нема ништо добро во тоа да сакаат оваа ситуација да „излезе од контрола“, истакна Матис. 

Истовремено, Белата куќа објави сопштение за хемискиот напад во Сирија, во кое се наведува дека американското разузнавање посочило оти хемискиот агенс бил фрлен од сириски авион „Су-22“, што полетал од базата Шајрат околу 20 минути пред нападот и ја напуштил зоната кратко потоа. 

Дополнително, лица кои биле поврзани со сириската програма за хемиско оружје, биле во базата Шајрат во втората половина на март и правеле подготовки за претстојниот напад во северна Сирија. Тие се наоѓале во базата и на денот кога е извршен нападот, стои во соопштението. 

Неименуван претставник на Белата куќа посочи дека сирискиот претседател Башар ал Асад го искористил нападот како дел од операција за забавување на напредокот на бунтовниците. 

Тој исто така наведе дека американските разузнавачки служби не се едногласни по прашањето дали Русите знаеле за планираниот напад претходно. 

Матис нагласи дека движењето на јуришната група на американските поморски сили во западен Тихи Океан, не е поврзано со конкретен настан, туку е дејствие преземено како мерка на претпазливост. 

Во составот на ударната група спаѓа и носачот на авиони „Карл Винсол“. 

На јуришната група ќе и биде потребно повеќе од една недела за да се приближи до Корејскиот Полуостров, во момент кога расте загриженоста дека Северна Кореја напредува во вооружената програма. 

 - Нема специфична причина поради која ја испративме групата таму. Таа е на пат натаму бидејќи мислиме дека во овој момент е најдобро таа да е на тоа место, објасни американскиот министер за одбрана.