Македонија
17. January 2025 - 16:36

Матичните лекари бележат зголемен број на болни од грип и други респираторни инфекции

Предновогодишните прослави и собирите за празниците резултираа со зголемен број на болни од грип. Матичните лекари периодов имаат се повеќе пациенти со респираторни симптоми, а очекуваат ваква да биде состојбата до крајот на февруари.

- Најмногу гледаме кашлица, малаксаност, температура. За среќа помалку пневмонии, повеќе доминираат горнореспираторните симптоми, вели д-р Бојан Трајковски, матичен лекар.

Дополнителен проблем е и загадениот воздух, кој според доктор Трајковски не само што може да ја влоши состојбата туку го пролонгира опоравувањето со месеци.

- Ако симптомите траеле 3-5 дена или една недела, поради загадувањето опоравувањето се пролонгира некаде и со месеци, додава д-р Трајковски.

Вчера и ИЈЗ соопшти дека во Македонија официјално е почната сезоната на грип. За една недела регистрирани се над 1000 заболени, тројно повеќе од првата седмица во јануари.