Масовниот прекин на струја на Пиринејскиот Полуостров предизвикан од дефект во меѓусекторската врска меѓу Франција и Шпанија
Големиот прекин на електроснабдувањето што го парализираше Пиринејскиот Полуостров вчера, бил предизвикан од ненадејна загуба на 15 гигавати електрична енергија во шпанската мрежа во рок од само пет секунди, што доведе до дефект во меѓусекторската врска меѓу електропреносните мрежи на Шпанија и Франција. Според шпанскиот мрежен оператор РЕЕ, европските енергетски мрежи не се проектирани да издржат вакви нагли загуби, што резултираше со колапс на електроснабдувањето во Шпанија и делови од Португалија.
Едуардо Прието, раководител на системските операции на РЕЕ, изјави дека сериозниот дисбаланс во енергетското производство предизвикал прекин во врската меѓу шпанската и француската мрежа, што довело до масовниот прекин.
Претходно шпанскиот премиер Педро Санчез во телевизиско обраќање до нацијата рече дека „точните причини сè уште се истражуваат, и ниту една хипотеза не е исклучена“. Тој истакна дека половина од територијата на Шпанија повторно е со електрична енергија, откако мрежниот оператор успеал да ја стабилизира дистрибуцијата по голема хаварија што вчера го парализираше Пиринејскиот Полуостров.
Во останатите делови на земјата се очекува напојувањето да се воспостави во текот на денот.
Португалскиот премиер Луиш Монтенегро, пак, претходно рече дека нема индикации за кибернапад и очекува целосно обновување на електроснабдувањето во наредните часови.
Прекинот предизвика хаос во двете земји, со откажани летови, нарушувања во јавниот транспорт, затворени метро-системи во Лисабон, Порто и Мадрид, како и прекин на работата на семафорите. Болниците беа принудени да откажат планирани операции и да се потпрат на резервни генератори за итни случаи. Во Шпанија, автономните региони Мадрид, Андалузија и Естремадура побараа воведување на вонредна состојба, а шпанското Министерство за внатрешни работи прогласи вонредна состојба во овие области.
Обновувањето на електроснабдувањето започна вчера попладне во регионите на Баскија и Барселона, а подоцна и во Мадрид и центарот на Лисабон.
Во меѓувреме, паниката во Мадрид доведе до долги редици во супермаркетите и празни рафтови, додека дел од метрото беше евакуиран, откако граѓани останаа заглавени во вагони и лифтови. Банката на Шпанија соопшти дека електронското банкарство функционира преку резервни системи, иако граѓаните пријавуваа неисправни банкомати.
Ново на Сител
-
Иран, по резолуцијата на МААЕ, најави изградба на нова постројка за збогатување на ураниум
-
Најмалку едно лице ја преживеа авионската несреќа во Индија
-
Телефонската линија 192 за пријавување во полиција е во прекин поради технички проблем, во функција е бројот 112
-
Усвоени неколку закони на 53. седница на Собранието
-
Нападнат малолетник во Марино, настанот снимен со мобилен
-
Директорот на Царина на настан со генералните директори на ЕУ и ЗБ: Покажавме дека Царинската управа е силно посветена на реформската агенда за забрзан влез во ЕУ
-
Меџити од Украина: Силно ја осудуваме руската агресија, бараме итно запирање на војната
-
26 годишен полицаец уапсен во Кисела Вода, пијан поминал на полна линија па се заканувал