Марта Кос: Владата во Србија не исполни ниту една од реформите што ги вети во декември

„Не сум задоволна од она што го гледам во Србија… Новиот премиер и претседателот на Народното собрание ми ветија дека реформите ќе бидат брзо спроведени, но претседателот на Србија им го вети истото на претседателот на Европската комисија и на претседателот на Европскиот совет на крајот на март, па ништо не се случи… Ќе видиме како ќе продолжиме“, изјави европската комесарка Марта Кос на дебатата за Планот за раст за Западен Балкан, што се одржа синоќа во Европскиот парламент.
Јавниот дијалог за тој финансиски инструмент на ЕУ, вреден шест милијарди евра, беше спроведен меѓу комесарката Кос и членовите на Комитетот за надворешни работи и Комитетот за буџет на Европскиот парламент во Брисел, јави Јуропиан вестерн балканс.
„Кога бев во Белград, му кажав на Вучиќ дека, иако целата влада и самиот тој објаснуваат дека се залагаат за реформи, тие не исполниле ништо од декември“, рече Кос.
Осврнувајќи се на прашањето на пратеничката за посетата на Вучиќ на Москва, Кос додаде дека таа во Белград му рекла дека 9 мај 1945 година не е исто што и 9 мај 2025 година и дека ќе и биде многу тешко како европски комесар за проширување да зборува во корист на Србија ако оди во Москва.
Кос истакна дека најважно за Србија сега е да ги исполни ветувањата поврзани со трите закони за медиуми, како и оние поврзани со изборот на новиот Совет на Регулаторното тело за електронски медиуми и измената на изборното законодавство. Во овој контекст, таа оцени дека постојното изборно законодавство „не е добро, што е мислење не само на Европската комисија, туку и на Венецијанската комисија“.
„Што се однесува до Србија и средствата од Планот за раст, сега проценуваме дали треба да ги исплатиме или не“, изјави Кос, истакнувајќи дека „не е сто проценти сигурна“ дали Србија го следи европскиот пат.
Таа нагласи дека, кога станува збор за Србија, „конечно, би сакала да види дела, а не само да слуша ветувања“.
Кос се осврна и на актуелните протести во Србија, нагласувајќи дека она што го бараат демонстрантите е исто како она што го бара ЕУ.
„Демонстрантите се залагаат за владеење на правото, слобода на медиумите, независност на судството, борба против корупцијата, транспарентност во јавните набавки… Сите тие се вредности на Унијата“, изјави Марта Кос.
Кос истакна дека Албанија и Северна Македонија добиле претходно финансирање од Планот за раст, додека Црна Гора ќе ги добие овие средства оваа недела.
Ново на Сител
-

Николоски: Деталите за престој на превозниците во ЕУ по средбата во Брисел ќе ги прецизираме заедно со нив
-

Почина поетот, писателот и преведувачот Тихомир Јанчовски
-

Македонците кои трчаа на Tor des Geants | Катерина Шиповиќ и Жикица Ивановски | Sitel Podcast 137
-

Едно од десет лица во светот работи во „ноќната економија“ – анализа презентирана во Давос
-

Истрага против четири лица за пронајдени дрога и оружје во Брвеница
-

Орбан: Парите за Украина треба да се пренасочат кон развој на армиите на европските држави
-

Јаневска: Законот за високото образование в понеделник на ЕНЕР, наставниците ќе добијат 7,5 проценти покачување со мартовската плата
-

Мицкоски за проблемот со транспортерите: Имавме дипломатска офанзива, има неколку можни решенија
