Маркетите со задолжение да ги објавуваат сите цени секој ден
Големите маркети на дневно ниво ќе треба да ги објавуваат цените за сите производи што се продаваат кај нив на нивните веб-страници, во спротивно ќе треба да плаќаат глоби. Транспарентноста ќе ја зголеми конкуренција и ќе ја намали инфлацијата, сметаат од власта. Мнозинството денеска ги поднесе потребните законски измени во парламентот и тие веднаш го поминаа првиот филтер. Се очекува конечно да бидат донесени и да стапат во сила за неколку недели.
За опозициската СДСМ ова било само пи-ар мерка и нема ги намали цените. Наместо тоа велат дека власта пропуштила да донесе вистински мерки за да им помогне на граѓаните со тоа што ќе го укине ддв за храната и ќе го намали данокот од 18 на 5 отсто за струјата, како што тие предложиле.
Комисијата за заштита на конкуренцијата минатата недела отвори прекршочна постапка за четири ланци на маркети за картелско работење поради тоа што нелегално договарале цени и се договориле дека ќе делуваат усогласено и нема да земаат стока од добавувачи кои ќе достават нови ценовници. По ова тие побараа средба со Владата, но Мицкоски се сомнева дека дел од нив делуваат политички.
Владата минатата недела веќе донесе мерки. Од четвртокот во сила се замрзнатите цени на 8 групи основни производи и ограничените маржи на околу 100 групи продукти кои ќе важат до крајот на април.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар