УГД ќе гради нова зграда за факултетот по медицински науки
Паралелно со изградбата на новата клиничка болница во Штип, УГД ќе гради објект во кој ќе биде сместен Факултетот за медицински науки. Со ова ќе им се овозможат подобри услови за студирање на медицинарите, но и можност за практична настава и нудење на здравствени услуги на пациентите.
- Веќе бевме контактирани и од проектната единица која го води проектот. Од нас беа побарани информации кои ние ги имаме за тој објект и им се предадени и во тек се активности со компаниите кои ќе го изведуваат проектот. Тоа го води посебна проектна единица во Министерството за здравство. Неколку пати разговаравме и им ги предадовме документите и јас се надевам дека тој процес ќе биде брз, изјави Дејан Мираковски, ректор на УГД-Штип
Според проектот од 2014, кој најверојатно ќе треба да претпрпи измени, факултетот ќе се простира на околу 6000 метри квадратни. Освен амфитеатар, предавални, во него ќе бидат сместени и неколку институти кои ќе имат научно-образовна компонента.
- Вклучува повеќе институти, кои освен што ќе имаат научно истражувачка и образовна димензија, ќе бидат комплементарни со функционирањето на болницата, односно, ќе дават јавно-здравствени услуги заедно со болницата, додаде Мираковски
Студиските програми на Факултетот за медицински науки се помеѓу најатрактивните на штипскиот Универзитет и овде студираат најголем број на студенти, кои за да ги следат предавањата се приморани да се движат од еден до друг кампус кои меѓусебе се одалечени.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар