Македонија
25. January 2023 - 17:31

Маричиќ од Брисел: Со пристапните преговори го отвораме внатрешниот пазар на ЕУ за македонските компании

Преговорите со ЕУ носат подобра заштита на потрошувачите, брендирање и подобро позиционирање на македонските компании на внатрешниот пазар на ЕУ, истакна вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на отворањето на денешниот билатерален скрининг за Поглавјето 7, „Право на интелектуална сопственост“.

Пред претставниците на Европската комисија, Маричиќ изрази надеж дека до крајот на оваа година ќе ја одржиме втората Меѓувладина конференција и ќе го отвориме кластерот „Фундаментални вредности“, со цел да напредуваме во процесот.

– Денес, имаме уште едно важно поглавје – Поглавје 7, „Право на интелектуална сопственост, област каде што постојано бевме поддржани од ЕУ во спроведувањето на реформите низ годините. Во однос на административната структура, Државниот завод за индустриска сопственост и Министерството за култура се главните административни столбови, додека клучни документи во областа се Законот за индустриска сопственост, Законот за авторско право и сродни права и Законот за царина и мерки за заштита на правата од интелектуална сопственост, рече Маричиќ.

Тој ја потенцираше важноста од понатамошно усогласување на нашето законодавство во областа на интелектуална сопственост и укажа дека Владата посветено работи на развој на Стратегијата за интелектуална сопственост во рамки на Националната стратегија за развој 2022-2042 година.

Што се однесува до потребата од целосно усогласување со Директивите на ЕУ, вицепремиерот ги посочи сите директиви кои досега ги имаме усвоено и ги најави сите тековни активности и предлог закони, како што е новиот Закон за деловни тајни којшто се очекува да биде усвоен до јуни годинава. Маричиќ ја информираше Европската комисија дека Мрежата за електронска размена на податоци е во завршна фаза и на тестирање.

– Развојот на оваа е-мрежа ќе овозможи размена на податоци за интелектуална сопственост помеѓу институциите во Северна Македонија и ИРП – електронскиот систем за трговски марки, патенти и индустриски дизајни. Се очекува е-мрежата да биде оперативна до 2026 година, истакна Маричиќ.

Државната секретарка на Секретаријатот за европски прашања и заменичка на главниот преговарач со ЕУ, Дрита Абдиу-Халили посочи дека во изминатиот период Северна Македонија работела на транспозиција на релевантното европско аки во нашето законодавство, како и на јакнење на административните и оперативните капацитети, во областа на правата од индустриска сопственост, но дека потребни се соодветни механизми, особено ефикасен капацитет за спроведување на политиките за право на интелектуална сопственост на национално ниво.

Во Брисел денеска започна билатерален скрининг состанок за Поглавје 7 на кој македонскиот преговарачки тим го претставува постигнатото и сè што е направено поврзано со правата на интелектуална сопственост, со што треба да овозможи подобра циркулација на стоки и услуги, како и забрзување на технолошкиот развој. Истиот ќе продолжи и утре, а до крајот на работната недела ќе се одржи и билатералниот состанок за Поглавјето 6, „Право за трговски друштва“.

На денешниот билатерален скрининг се презентираa теми поврзани со законодавството за правата на интелектуална сопственост, правилата за правна заштита на авторските и сродните права, како и посебните одредби кои се применуваат за заштита на бази на податоци, компјутерски програми итн.

Во состав на македонската делегација се претставници од Државниот завод за индустриска сопственост, Министерството за култура, Агенцијата за аудиовизуелни медиумски услуги, Државниот пазарен инспекторат и Државната комисија за спречување на корупцијата.