МАНУ: Матеја Матевски - човек-епоха во македонската поезија
Една од најмаркантните и најстамените фигури на современата македонска поезија, човек со фасцинантна уметничка ерудиција кој зад себе остави грандиозно дело, раскошна дарба и талент што од него направија величина која ги надмина границите на нашата земја, истакна претседателот на МАНУ Таки Фити на комеморацијата за академик Матеја Матевски што претпладнево ја организираа Македонската академија на науките и уметностите и Факултетот за драмски уметности.
- Тој беше човек-епоха во македонската поезија. Но не беше само вонсериски поет и интелектуалец, академик и општественик, туку и благороден човек со големо срце, со интелектуална мудрост, промисленост, смиреност и толерантност што фасцинираше. Со импозантниот број престижни национални и меѓународни награди и неговото членство во десет странски академии и научни друштва, академик Матевски беше и ќе отане гордост на својата земја, на МАНУ, на неговото семејство, пријателите и почитувачите, истакна претседателот на МАНУ.
Фити подвлече и дека Матевски ја раководел Академијата во тежок и турбулентен период за земјата и Академијата (2001-2003) кога на МАНУ и бил потребен човек со интелектуални способности и човечки доблести кои, како што рече, му беа иманентни токкму на нашиот Матеја Матевски.
Академик Влада Урошевиќ рече дека Матевски е автор на импресивен поетски опус заокружен со 24-тата стохизбирка „Темни деноноќија“ објавена минатата година. Тој е најпреведен македонски поет - со препеви на повеќе од 20 јазици, а и самиот преведувач од осум јазици меѓу кои, рече Урошевиќ, ингениозни му се препевите од шпанската поезија.
- Последните години ги помина врзан за постела, но сепак успеваше последните сили да ги чува за да пишува и пишуваше до последен здив, останувајќи им верен на своите идеали на младоста... Тој е поет кој направи огромен исчекор во осовременувањето на македонскиот поетски јазик, во изострувањето на неговиот сензибилитет, во откривањето на неговите скриени можности. Матеја Матевски е поет кој во македонската поезија ги напиша првите стихови кои звучат навистина модерно и чијашто модерност не изгубила ни денес ништо од својата длабочина и свежина, истакна Урошевиќ.
Исклучителен миг на македонската литература тој ја нарече појавата на три песни од „Дождови“ во списанието „Млада литература“ во 1955 година.
- Со секавичен блесок на откровение се појави еден поет од прв ред чиишто стихови носеа во себе визионерска светлина и изненадувачка силина. Тоа е датум запишан со црвени букви во календарот на македонската поезија, истакна Урошевиќ, кој соодветно на пригодата ги прочита двете песни со наслов „Епитаф“ од втората стихозбирка на Матевски - „Рамноденица“.
Подеднакво посветен и на театарот, Матеја Матевски бил првиот наставник по историја на светска драма и театар на Одделот за драмски актери на Музичката академија - јадрото на сегашниот ФДУ. Тој ги објавил првите театарски критики во 1953/1954 година во Културната редакција на Радио Скопје, а во списанието „Разгледи“ во 1960-тите имал рубрика „Пред кренатата рампа“ за тековната театарска продукција. На Институтот за театарски студии во Париз го изучувал модерниот француски театар и драма.
Професорката од ФДУ Јелена Лужина рече дека педагогијата за Матевски не била професија, туку мисија. Како и другите говорници, и Лужина зборуваше за карактерот и личноста на Матевски, нарекувајќи го активист по раѓање и, како што рече, човек од денес веќе изумрената сорта луѓе со крстот на чело, на кои приоритетот секогаш им бил јавниот интерес и општото добро. Се потсети на јуни 2011 година, кога академикот дошол во МНТ каде актерите ја подготвувале претставата „Копнеж по целина“ според истоимената негова стихозбирка.
- Мотивираниот ансамбл тргна да игра за присутниот академик, класик, поет од читанките, преведен на 20-ина јазици, славодобитник на недоброј најпрестижни награди, кандидат за Нобел, а се соочи со питом, внимателен, благороден и неверојатно стеснителен човек, кој бескрајно ги почитуваше нивниот труд, нивната старст, нивниот ентузијазам. Им беше преблагодарен за вниманието што го подариле на неговите стихови, за можноста самиот тој да ги види и да ги доживее од сосема поинаков агол, истакна Лужина. Претставата „Копнеж по целина“ се играше две сезони уривајќи ги, рече таа, предрасудите дека поезијата е херметична, некомуникативна, несценична.
Во МАНУ денеска беше отворена и книга на жалост за смртта на академик Матеја Матевски (13 март 1929 - 6 јуни 2018). Претседателот на Академијата Таки Фити соопшти дека од вчера пристигнуваат голем број телеграми со сочувство, меѓу кои и од претседателот и премиерот на државата.
Ново на Сител
-
„Вреди“ – го обвини Груби дека стои зад инцидентите
-
Тема на денот со Максим Димитриевски, претседател на движење ЗНАМ
-
Ученици од „7 март“ со импровизирани пушки и униформи од УЧК на приредба за денот на албанското знаме, МОН утре најавува инспекции
-
Нема доволно згрижувачки семејства во државата
-
УХМР: Врнежи од дожд и снег ќе има и вечерва и утре наутро во некои делови од државата
-
Снежните врнежи предизвикаа проблеми
-
ПСС - Најчести интревенции на заглавени возила на Галичица
-
ВМРО-ДПМНЕ го обвинува Коцевски