Македонија
5. јуни 2019 - 18:53

Манчевски: Регионалната и меѓународната соработка суштински во справувањето со сајбер-криминалот

Република Северна Македонија има воспоставено јасна и стратешка визија за градење сајбер-безбедносни капацитети, а во соработка со Светската банка и Универзитетот во Оксфорд, изработени се Националната стратегија за сајбер безбедноста, со Акциски план за периодот 2018-2022 година. Тоа го истакна министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски во обраќањето пред учеснциите на Меѓународната годишна конференција за сајбер-безбедност што од денеска се одржува во Охрид.

Манчевски посочи дека фактот што Македонија и земја-домаќин на конференција за сајбер безбедност само ја посочува посветеноста на нејзините институции за олеснување на регионалната и меѓународната соработка во однос на тоа прашање, уште повеќе што, како што рече, „регионалната и меѓународната соработка се од суштинска важност и во таа насока меѓусебната размена на добри практики и искуства“.

– На прагот на НАТО и наскоро ЕУ стануваме се попривлечна цел за сајбер-криминал, оттаму сајбер-безбедноста стана еден од клучните приоритети за Владата. Комбинацијата на силна политичка волја и приоретизирање на изградбата на сајбер-безбедносните капацитети со поддршка од нашите стратешки партнери резултираа со значајни резултати во изминатата година. Оттогаш па натаму, безбедносниот пејзаж значително се промени, истакна Манчевски, посочувајќи дека на чело на националната сајбер-безбедност се Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за одбрана, Министерството за внатрешни работи и Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти, а формирана е и Национална експертска група.

Манчевски уште истакна дека препознаена е потребата од инвестирање во опремувањето на кадар во јавната администрација, но и инвестирање во знаења, со вештини и капацитети, особено од тимот за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ) како национално координативно тело за известување и управување со инциденти за сајбер безбедноста за властите и институциите од јавниот сектор. Тој потсети оти преку соработка и поддршката од ЕК во областа на дигиталната политика, државата формираше Научно-технолошки парк во Скопје и наскоро ќе оформи Регионален центар за обука и истражување на сајбер безбедноста.

Предложениот концепт за Регионалниот центар за обука и истражување на сајбер безбедноста ќе се вклопи во рамките на замислениот Технолошки парк и ќе покрива професионална обука – Центар за обука за службеници во јавната администрација и сопственици на критични инфраструктури на WB6, потоа академски истражувања – академска соработка и заедничка соработка на WB6 истражувачи, како и Технолошки парк – да се стимулираат иновациите, претприемништвото и економскиот раст и да послужат како главен локален центар за стартап заедница на ИКТ и ИО во регионот.
 
– Со оваа иницијатива имаме за цел да ја поттикнеме соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор и пристапот до сајбер безбедност на ниво на ЕУ, фокусирајќи се на истражувања и иновации во областа на сајбер безбедноста. На овој начин, не само што ќе ги зајакнеме нашите национални сајбер-безбедносни капацитети туку и регионалните, охрабрувајќи ги младите претприемачи и технолошки ентузијасти да развијат и тестираат технологии за подобро да ги заштитат корисниците и инфраструктурите од сајбер закани, рече Манчевски.

На собирот во Охрид организиран од Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (MKD-CIRT) и Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) учествуваат 70 странски и домашни експерти за сајбер-безбедност, претставници на телекомуникациски оператори, државни институции, невладини организации и меѓународни ИКТ компании, кои во текот на двата конференциски денови ќе дискутираат на повеќе теми од областа на безбедноста во електронските комуникации како улогата на центрите за одговор на компјутерски инциденти, за прашања од областа на легислативата што ја уредува проблематиката, меѓународни искуства, важноста од размена на информации помеѓу секторите во регионот и на меѓународно ниво, студија на случај на сајбер-напад и друго.