Макрон сака да го укине договорот за границата меѓу Франција и Британија

Новоизбраниот француски претседател Емануел Макрон сака да го раскине договорот со Велика Британија за граничната контрола меѓу двете земји, потпишан во февруари 2003 година, тврдат дел од лондонските весници.
Според овој договор, потпишан во одморалиштето Ле Туке на Ла Манш од поранешниот француски претседател Жак Ширак и од тогашниот британскиот премиер Тони Блер, контролата на патниците и стоката за влез во Велика Британија се извршува во Кале и Данкерк на француска територија, а за оние кои патуваат кон Франција и Европа во Лондон или во Довер.
Во текот на кампањата за претседателските избори, Макрон ветуваше прекинување со досегашната пракса, најавувајќи дека доколку биде избран за претседател, во иднина секоја од земјите на своја територија ќе врши гранична контрола и контрола на движењето на лугето.
Лондонските медиуми забележуваат дека на ова не треба да се гледа како на предизборна реторика, затоа што Макрон уште како министер за економија во француската влада говореше против договорот од Ле Туке.
- Договорот неизбежно ќе се најде под закана, доколку Британците навистина се повлечат од ЕУ. Мигрантите нема повеќе да бидат во Кале, за да го чуваат грбот на Велика Британија, изјави тогаш Макрон.
Против натамошното одржување на договорот претходно се изјаснија и досегашниот претседател Франсоа Оланд, како и други претседателски кандидати од десниот и левиот центар.
Посебно остро против тоа Франција да ги „чува кај себе“ сите мигранти, ослободувајќи ја Велика Британија од бегалскиот бран раширен по континентот, беше Марин Ле Пен. Токму проблемот со мигрантите во Кале и во тамошниот, доскорешен див камп „Џунгла“ приднесе безмалку целиот север на Фанција да се сврти кон популизмот, национализмот и против мигрантите.
Договорот од 2003 година е билатерален и тој не е врзан за ниту еден закон на ЕУ, па според тоа нема основа да се раскинува и по Брегзит, порачува Лондон, но така никој веќе не размислува во Париз.
Французите се лути на Британците што решија да ја напуштат ЕУ по 44 години членство, па сега сметаат дека во новите услови нема основа за „солидарност“ со Велика Британија, порачувајќи дека во иднина мигрантите само ќе минуваат низ Франција и на британска територија ќе чекаат за да видат дали воопшто ќе може да влезат во земјата.
Според лондонските весници, тоа може да предизвика создавање камп од типот на „Џунглата“ кај Довер или Фолкстоун на британскиот брег од Ламанш.
Владата на Тереза Меј настојува со новиот француски претседател одново да разговара за договорот, околу тоа дали тој да остане во сила или да се прави сосема нов договор, што би требало да ги задоволи двете страни.
Тоа е нова позиција на Лондон, кој досега инсистираше дека договорот е добар и корисен и за двете држави, а дека најмногу што Велика Британија може да направи е да партиципира за трошоците околу границата и за блокадата на досегашниот див камп.
Британската опозиција ја обвинува Меј и остро им забележува на конзервативците што со Брегзит придонесуваат за загрозување на безбедноста на земјата и во основа не прават ништо за имигрантската политика.
Истражување направено во Довер, покажува дека 95 отсто од жителите на овој пристанишен град и неговата околина, се против раскинување на договорот од Ле Туке.
Ново на Сител
-

Мицкоски: Да бидеме генерацијата која ќе ја внесе државата во ЕУ, но нема компромиси за идентитетот, јазикот и културата
-

Лавров: Русија е подготвена за преговори за решавање на украинското прашање
-

Мицкоски: Верувајте во нашата татковина, покажавме дека можеме да победуваме
-

Повреден 48-годишник при пукање во Арачиново
-

Приведен 48-годишник кој барал пари две години за да не објави интимни фотографии
-

Повозрасна жена нападнала малолетно девојче во Кисела Вода
-

Македонските одбојкари пред полни трибини на отворањето на ЕП во Софија
-

Сиљановска Давкова: 8 Септември трајна обврска за секоја генерација да ја направи подобра државата
