Македонија
17. October 2019 - 18:33

Макрон пред почетокот на Европскиот совет во Брисел не кажа ништо во однос на проширувањето

 Непосредно пред почетокот на Европскиот совет во Брисел, францускиот претседател Емануел Макрон при пристигнувањето во Советот им се обрати на новинарите и во таа пригода не кажа ништо за прашањето за проширувањето и датумот за почетокот на преговорите, кое ќе биде една од точките на Самитот, јавува дописникот на МИА.

Макрон во врска со прашањето за давањето датум за почеток на преговорите за Северна Македонија и Албанија, е единствениот кој засега најавува блокада. Тој во околу петминутното обраќање пред новинарите, не кажа ништо по ова прашање, но затоа се задржа подолго на постигнатиот договор за Брегзит.

– Мислам дека тоа е добра вест. Договорот одговара на целите кои беа наши. Од европска страна да се брани интегритетот на заедничкиот пазар и нашите слободи и иднина и од британска страна да ги имаат сите гаранции за зачувување на нивниот интегритет и со желбата на нашите пријатели од Ирска да се зачува политичката рамнотежа, рече Макрон.

Договорот, според Макрон, е „добар компромис“, кој дозволува да одговори на сите овие цели.

За договорот ќе се дискутира на Советот, кој ќе биде претставен од преговарачот на ЕУ, Мишел Барние на кого и на неговите екипи, Макрон им изрази благодарност за многу квалитетната работа која беше направена од самиот почеток. Потоа само следува ратификацијата во британскиот и европскиот Парламент.

– Поради ова нашето задоволство е придружено со легитимна претпазливост, бидејќи поучени од историјата парламентите можат да не се препознаат во договорот. Сакам да верувам дека премиерот Џонсон ќе има мнозинство да го поддржи договорот, за кој се дискутираше последниве недели, посочи францускиот претседател и нагласи дека не сака да зборува за политичка фикција дали Џонсон ќе има мнозинство.

За францускиот претседател договорот е „добра вест, бидејќи постигнатиот договорот дозволува да се отвори нова фаза и да се зборуваме и да се подготвува иднината на ЕУ.

– Советот ќе стави акт на агендата која сакаме да ја имаме и ќе ни дозволи да ја подготвиме иднината и да ја имаме првата дискусија за финансиските перспективи и стратегиската агенда. Тоа е за нас важен елемент. Претседателката на комисијата ќе ги претстави утре изутрина, главните линии на нејзината програма. Ние се пронаоѓаме длабоко во нив, во нив се препознавам, бидејќи ги бранев нашироко од почетокот на годинава пред се климатската агенда, што е за нас важно, неутралноста на јаглеродниот диоскид 2050, зголемување на минималните цени на ЦО2, оданочување на границите на ЦО2, развој на голема банка за климата, дигитална агенда, како и агенда за заштита на работниците во Европа и за интегритетот на нашиот пазар, агенда на новаторство за иднина, агенда за суверенитет – Европа на одбраната која треба да биде посилна, рече Макрон.

Според Макрон, ќе се зборува и и за геополитичките прашања, посебно за нападот што го води Турција во северозападот на Сирија.

-По оваа точка посакувам да имаме повторно единствен, јасен и строг говор, да се осуди нападот, да се запре извозот заеднички на оружјето кон Турција и со нашите главни партнери да им се стави крај на офанзивата која денес создава хуманитарна драма и ризикува повторно да го појави Даеш (Исламската држава), заврши Макрон.