Македонија
28. May 2024 - 20:56

Македонските иселеници од Италија благодарни за честа искажана од претседателката Сиљановска Давкова

Претседателот на италијанско-македонската стопанска комора „АПИ НОРДЕСТ“ Мунир Шемши, кој ја предводеше делегацијата на македонските иселеници во Италија на средбата со претседателката Гордана Сиљановска Давкова во Рим, преку објава искажува голема  благодарност  за покажаната чест и почит.

- Уште еднаш голема благодарност до нашата претседателка Гордана Сиљановска-Давкова за срдечната средба. Во име на нашинците во Италија можам да кажам само едно дека таа е „Голем човек со огромно срце“, напиша тој меѓу другото во објава на социјалните мрежи.

Додава дека високо ја ценат благодарноста што таа ја изнела на средбата за нивниот, како што рекла, силен придонес кон унапредувањето и продлабочувањето на соработката меѓу двете земји.

Според Шемши, кој е родум од село Коџаџик, општина Центар Жупа и веќе три децении со семејството живее  во Венеција, Италија,  во  оваа земја  живее многубројна македонска заедница. Само од поширокиот дебарски регион Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше има над 10 илјади иселеници.

Дел од нив, меѓу нив и Шемши, успешно се интегрирале во италијанското општество и се успешни стопанственици, кои се подготвени да инвестираат во родниот крај.

По негова иницијатива во 2022 година беше формирана  македонско-италијанската асоцијација „АПИ НОРДЕСТ“, по што со поддршка на генералниот конзул во Венеција, Стојан Витанов на 9 и 10 јуни истата година  беа одржани два бизнис форуми, во Тревизо и Венеција.