Македонија
13. September 2017 - 10:33

Македонски ученици освоија медали на Балканската и на Европската олимпијада по информатика

Младите македонски ученици - информатичари постигнаа нов одличен успех освојувајќи три бронзени медали на 11. Јуниорска балканска олимпијада по информатика, која се одржува од 7 септември до денеска во Софија.

Медалите за Македонија на ова натпреварување ги освоија Даријан Шеќеров од Скопје, Благоја Овезоски од Прилеп и Кристина Тасева од Скопје, а четвртиот член на македонскиот тим беше Благојче Павлески од Прилеп, соопшти Здружението на информатичарите на Македонија. 

Тимот беше раководен од лидерите, д-р Миле Јованов и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ).

Овие ученици беа избрани преку целогодишен циклус на натпревари, кој што редовно се организира од Здружението на информатичарите на Македонија, а оваа година се одржуваше по 28-ми пат.

На годинешната Јуниорска балканска олимпијада по информатика учествуваат тимови составени од најмногу четири натпреварувачи - ученици до 15,5 години, од следните девет балкански земји: Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Македонија, Молдавија, Кипар, Романија, Србија и Словенија.

По примерот на досегашните јуниорски балкански олимпијади, оваа година прв пат се организира и Европска јуниорска олимпијада по информатика (ЕЈОИ), која се одржува заедно со ЈБОИ 2017 во Софија. На оваа олимпијада.

Во исклучително силната конкуренција, покрај трите освоени медали на јуниорската балканска олимпијада, македонскиот тим освои и еден бронзен медал на ЕЈОИ 2017. Освојувач на медалот е ученикот Даријан Шеќеров.

Примарна цел на овој значаен и елитен едукативен настан е да се поттикне интересот за информатиката кај децата од помала возраст во сите земји од Европа, како и да се овозможи на најдобрите европски
млади таленти на возраст до 15,5 години да ги покажат знаењата и вештините кои што веќе ги стекнале во оваа област, а поконкретно во програмирањето.

Секоја земја на олимпијадата учествува со тим кој се состои од 4 натпреварувачи, лидер и заменик-лидер на тимот. Учениците се натпреваруваат во решавање на алгоритамски проблеми

На оваа европска олимпијада учествуваат вкупно 85 ученици од 22 европски земји. Балканските земји, кои истовремено учествуваат и на двата паралелни настани, се претставени со истиот тим и на едниот и на другиот настан.

- Овој успех на нашиот тим уште еднаш потврдува дека Македонија има подмладок кој поседува знаење со кое што може да се носи рамо до рамо со врсниците од цела Европа, и дека професорите од Здружението на информатичарите на Македонија кои волонтерски се вклучени во организирањето на македонските натпревари и подготовката на учениците успешно ги подготвуваат за
интернационалните натпревари, се нагласува во соопштението. 

Овогодинешното учество на овие натпревари е помогнато од Фондацијата Телеком за Македонија, која ги покри патните трошоци на
македонските натпреварувачи.