Македонија
27. April 2023 - 18:48

Македонија влезе во Програмата за единствен пазар на Европската унија

Министерот за економија Крешник Бектеши и генералниот директор на Директорат за внатрешен пазар, индустрија, претприемаштво и мали и средни претпријатија на Европската унија Керстин Јорна, денеска го потпишаа договорот меѓу ЕУ и Република Северна Македонија за учеството на земјава во Програмата за единствен пазар на Европската Унија.

Програмата за единствен пазар нуди сеопфатен сет на услуги за зајакнување и поддршка на администрацијата и работењето на единствениот пазар. Оваа програма е модерна, јасна и прилагодлива програма која комбинира широк спектар на активности, соопшти Министерството за економија.

- Програмата за единствен пазар нуди одлична можност да се даде значителен придонес кон зајакнување на конкурентноста, вработеноста и растот. Оваа програма е прилагодена како клучен инструмент за решавање на актуелни, непредвидени прашања како што се; пандемијата КОВИД-19 и другите неодамнешни кризи со кои се соочивме и ја поставивме основата за одржливо закрепнување на Европа. Општите цели вклучуваат подобрување на функционалноста на внатрешниот пазар, заштита на луѓето, потрошувачите и претпријатијата, преку зголемување на нивната конкурентност во исто време“ кажа министерот Бектеши на потпишувањето на договорот.

Оваа програма како што потенцираше министерот, вклучува поддршка од Европската унија во зголемување ефикасноста на внатрешниот пазар, меѓу другото, во светло на дигиталната трансформација, зајакнување на конкурентноста, како и одржливоста на МСП и да се постигне додадена вредност на ниво на Унијата, унапредување на интересите на потрошувачите и обезбедување на висок стандард на безбедност на производите и заштита на потрошувачите.

- Програмата за едниствен пазар со Европската унија не обврзува поблиску да работиме заедно кон нашата заедничка цел. Нашето партнерство е особено актуелно во овие предизвикувачки времиња и преку процесот на преговарање за овој договор, нашите институции ја потврдуваат атмосферата на соработка и партнерство. Би сакал да изразам благодарност до Комисијата за доделувањето статус на преговарач за пристапување на Северна Македонија, што им овозможи на апликантите од Северна Македонија подобност да аплицираат на повиците за предлози на Програмата пред потпишувањето на овој договор. И, исто така, сме благодарни на Европската Комисија што ја презеде заложбата за делумно олеснување на нашиот финансиски придонес во оваа програма, преку Инструментот за претпристапување – ИПА, кажа министерот Бектеши и даде уверување дека Министерството за економија ќе направи се што може за да обезбеди успешна имплементација на оваа програма.