Македонија пред воведување реципрочни мерки за Косово
Според македонските министерства за земјоделство и за економија, косовската одлука е паушално донесена, без аргументи за зголемен увоз и евентуални штети, правно и формално не е јасна, а е и спротивна на ЦЕФТА Договорот.
Како што образложи деновиве министерот за земјоделство Љупчо Николовски, во дел од одлуката пишува дека се однесува за овошје и зеленчук, а во листата на производи за кои се зголемува царината, стои пченка. Во табелата, пак, каде што се наведени производите што подлежат на зголемена царина, не се наведени тарифните броеви.
Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши следната недела ќе имаат средба со косовските колеги, а од завчера, како што соопштија, се во постојана комуникација и преговараат за изнаоѓање решение.
За надминување на проблемот, во среда е договорен заеднички состанок на економските министри од регионот, на која ќе присуствуваат и Николовски и Бектеши. Состанокот пред два дена го иницираше српскиот министер за трговија Расим Љајиќ, кој ќе биде и домаќин, а поканети се и црногорската министерка за економија Драгица Секулиќ, како и министерот за трговија и економски односи на БиХ Мирко Шаровиќ. Целта е да се заземе заеднички став во однос на косовската мерка.
Косово ја воведе времената мерка на 18 јули годинава, но уште кога ја објави, реагираше косовското Здружение на трговците со овошје и зеленчук, квалификувајќи ја како дискриминирачка и неправедна. Побара Министерството за трговија и индустрија на Косово да ја смени, зашто домашното производство на некои од производите кои се заштитени не задоволуваат ни 10 отсто од потребите на косовскиот пазар. И претставници на бизнисите во Косово, иако се за заштита на домашните производители, побараа проценка да се направи врз основа на барањата на потрошувачите. Во спротивно, најавија поскапувања и проблеми со задоволување на потребите на пазарот.
Мерката предвидува 30 проценти повисоки царини за увезеното овошје и зеленчук, а ќе трае три месеци и важи за сите држави кои извезуваат во Косово.
Во Македонија, според проценките на Министерството за земјоделство, најпогоден ќе биде извозот на доматите, пиперките и сливите. Во одлуката го нема грозјето и други стратешки производи.
- Овие денови, според нашите податоци од терен, извозот на овошје и зеленчук е нула споредбено со претходните кога беше околу 100 - 150 тони. Секој ден одеа по четири шлепери со овошје и зеленчук кон Косово, сега нула. Ние сме за либерален пристап, да седнат владите заеднички да најдат решение и одлуката да се преиспита и да се укине поскоро зашто Косово не може самостојно да опстане. Впрочем, од интерес на двете земји е овој проблем да се премости што побрзо, изјави за МИА извршниот директор на Стопанската комора на северозапдна Македонија Дрилон Исени.
Според Царинската управа, вчера се извезени три камиони од по 10 тони земјоделски производи или вкупно 30 тони, за разлика од пред зголемувањето на царините кога за еден ден, како што рече и Исени, се извезуваа по околу 100 тони.
Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари - јуни 2018 година е над 2,5 милијарди денари. Увоз на земјоделски производи од Косово нема.
Ново на Сител
-
Обид за кражба во простории на Општина Чаир каде се чувал изборен материјал
-
ДИК: Двојните избори утре ќе ги следат 1303 домашни и 860 странски набљудувачи, како и 83 странски новинари
-
Во општина Маврово-Ростуше гласаат 68 болни и изнемоштени лица
-
Малолетник прегазен во Велес, пренесен во скопските Клиники
-
Македонските државјани во Србија гласаат на вториот круг од претседателските избори во Македонската амбасада во Белгрaд
-
Лебот нема да поскапи следните два месеца, компаниите се жалат на проблеми со ликвидноста и со одлив на кадри
-
Поевтинуваат горивата, ова се новите цени
-
Граѓаните утре можат да пријавуваат повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321