Македонија
16. November 2021 - 8:38

Македонија од денеска целосно воено интегрирана во НАТО

Со потпишување на заедничката декларација со НАТО денеска официјално ќе се заокружи процесот на воено интегрирање на Република Македонија во командните структури и во структурата на силите на Алијансата.

За таа цел во земјава ќе престојува командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за трансформација генерал Филип Лавињ, кој во Министерството за одбрана и Генералштабот ќе оствари средба министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Тема на официјалните разговори, како што е наведено во соопштението од ГШ и МО, покрај заокружувањето на процесот на воена интеграција во структурите на НАТО ќе бидат и активностите во процесот на трансформација и модернизација на Армијата во исполнување на НАТО целите на способности и запознавање со планираните вежбовни активности на Армијата во следниот период.

По завршување на состаноците во Министерството за одбрана и Генералштабот, генералот Филип Лавињ ќе оствари средба со претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, по што ќе биде примен и од претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски каде ќе се одржи и церемонија за потпишување на заедничката декларација за интеграција на Република Македонија во структурите на НАТО.

На церемонијата, по обраќањата од страна на претседателот Стево Пендаровски, министерката Радмила Шекеринска и генералите Филип Лавињ и Васко Ѓурчиновски, ќе следи потпишувањето на заедничката декларација од страна на генералите Лавињ и Ѓурчиновски со што и формално Република Македонија ќе биде целосно воено интегрирана во НАТО – Алијансата.

Завршувањето на процесот на воена интеграција во НАТО е доказ за посветеноста на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија во исполнување на дадените цели кои се одвиваат преку трансформациските процеси во Mинистерството за одбрана и Армијата.