Македонија
2. July 2024 - 16:42

Македонија на петто место во Европа по одлив на мозоци

Македонија е меѓу „најуспешните“ земји кои извезуваат квалитетен кадар во странство. Над 700 милиони евра штета претрпела државата изминативе 8 години. Извештајот на државниот ревизор покажува алармантен одлив на мозоци поради не ефективни мерки на државата за да ги задржи дома.

Во периодот 2013-2021 година од државата просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу 5 милијарди денари.

Одливот на високообразовен кадар има сериозен ефект и врз БДП на годишно ниво, а според пресметките вкупниот негативен економски ефект рефлектира со загуба од 8,34 проценти. 

Главен проблем според академската фела е што државата не работеше на подигање на студентскиот стандард, условите и можноста за вработување. 

Погрешна е и стратегијата за стипендирања на странски универзитети за потоа да не се врати овој кадар назад во државата. За да се постигнат резултати потребно е државата со високото образование и заедницата заеднички да делува во продуцирањето на кадар кој ќе биде стручен и добро платен за својата позиција. 

Погрешно имплементираниот план за тоа кои студиски програми се од јавен интерес и во нив треба да се вложува потврди и ревизија каде се потенцира дека без анализа се финансираат стипендии. 

ДЗР нотира дека сите акциски планови на владата се со ниска имплементација а не се спроведуваат ниту политики за управување со интелектуалната миграција. Паметните заминуваат, а национална стратегија за вмрежување и спречување на одливот на мозоци 2013-2020 е единствен документ за јавни политики којшто не е ниту јавно објавен од интитуциите.