Бизнис
20. February 2018 - 15:15

Македонија ќе извезува експертски вештини

Со потпишување меморандум за соработка меѓу Клубот на консултатнти/експерти на Стопанската комора на Македонија и реномираната швајцарска консултантска куќа „АФ Консалт“ денеска  беше официјализирано формирањето на Клубот чија задача е да обединува експерти од областа на енергетиката, инфраструктурата и индустријата и преку кого земјава ќе извезува експертски вештини.

Експертите ќе бидат групирани во регистар што ќе се води во Комората во кој ќе бидат сумирани сите основни податоци за нивните професионални и стручни квалификации и претходни искуства.  Податоците ќе им бидат достапни на заинтересираните субјектите за ангажирање на македонски консултатнити и експерти за активности и проекти во земјава и во странство.

- Со потпишувањето на меморандумот извезуваме првпат ум од Македонија на организиран начин. Тоа ни недостасуваше и добро е што во овој момент имаме поддршка да го направиме од АФ Консалт, една од најмоќните куќи. Ќе работиме максимално прецизно, јасно и програмирано да стане реалност и вие да добиете шанса преку Стопанската комора да го извеземе вашиот ум во странство и да заработиме сите од тоа, им порача претседателот на Стопанската комора Бранко Азески на присутните експерти и стопанственици во Комората.

Тој порача дека Комората верува и ја поддржува во сите сегменти програмата на Владата за економски развој.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев истакна дека Македонија порано беше позната како земјоделска земја која извезува вино и храна, а многу малку висококвалитетни индустриски производи.

- Како држава треба да бидеме определени колку може повеќе да вградуваме интелектуален труд во нашите производи или нашиот интелектуален труд да биде вреднуван во светот. Стручната фела во делот на производите и индустријата треба да го направи овој исчекор, а токму формирањето на Клубот на консултатнти е вистински чекор во тој правец, рече Анѓушев. 

Тој посочи дека Стопанската комора точно ги препознава правците во кои треба да се движи македонската економија и со настани како денешниот помага во нејзиниот развој.

- Ова е начинот како во соработка со реномирани куќи како што е АФ Консалт и со локалните ресурси и знаења кои ги имаме во државата да придонесеме за развојот на локалната индустрија, но и  да извезуваме памет во светот, потенцира Анѓушев. 

Потпретседателот на АФ Консалт, Хуберт Хост рече дека во Македонија има многу искусна и професионална работна сила особено во инженерството и додаде дека почнувањето на функционирањето на Клубот е голем чекор за земјава.

- Преку соработката со нас Македонија ќе извезува експертски вештини низ целиот свет. Вештините што ќе се стекнат во странство ќе можат да се донесат во земјава и да се применат на локално ниво, рече Хост.

Тој посочи дека се една од водечките консултантски куќи во светот со околу 10.000 вработени инженери во 25 претставништва ширум светот меѓу кои од 2012 година и во Македонија и оти во моментов изведуваат  повеќе од 1.500 проекти во 75 држави во областа на хидро и термо енергијата, обновнливите извори на енергија, нуклеарната енергија,.... Во Македонија соработувале со повеќе проекти што ги изведувале државните компании МЕПСО и ЕЛЕМ од кој последен е за модернизација на ТЕЦ Осломеј за работа на увозен јаглен.