Бизнис
15. September 2022 - 16:08

Македонија и Холандија потпишаа меморандум за соработка за јакнење на јавните финансии

Меморандум за билатерална соработка во јавните финансии за периодот 2023-2026 година потпишаа денеска министерот за финансии Фатмир Бесими и холандската вицепремиерка и министерка за финансии Зигрид Кааг на маргините на годишните средби на Холандската конституенца на ММФ и Светска банка, што се одржуваат во Сараево.

Целта на меморандумот, како што соопшти Министерството за финансии, е понатамошно пренесување на искуствата и практиките меѓу двете министерства во градењето на современ систем на јавни финансии.

– Повеќегодишната успешна соработка помеѓу двете министерства вроди со голем број на програми и проекти за унапредување на различните функции на јавните финансии и нивните перформанси. Со новиот Меморандум за соработка се потврдува понатамошната патека за финансиска и техничка поддршка од страна на Министерството за финансии на Кралството Холандија за јакнењето на капацитетите на нашето Министерство. Конкретната програма на соработка ќе се усогласува на годишна основа, се наведува во соопштението.

Еден од најзначајните проекти досега е твининг проектот за зајакнување на буџетското планирање, реализација и внатрешна контрола. Во рамки на овој проект дадена е техничка поддршка за имплементација на новиот системски Закон за буџети. Во рамки на досегашната соработка е и пренесувањето искуства од страна на Националната академија за економија и финансии од Холандија во насока на градењето на Академијата за јавни финансии во земјава.

Во годинашната програма за соработка меѓу двете министерства беа застапени неколку сфери на соработка, како јавната внатрешна контрола, зелените обврзници – размена на искуства и знаења, даночење трансфери согласно БЕПС и др.

Теми од интерес во следната соработка се јавната внатрешна финансиска контрола, финансиската едукација и инклузија, подобрувањето на ефикасноста на даночната администрација и заштитата од даночна евазија.

На средбата бил разгледан и напредокот на земјава во евроинтегративниот процес, економските состојби во земјава и во Европа, како и проекциите и мерките за справување со тековните предизвици.