Македонија го забрани летот на Лавров - Москва бара контра мерки
Откако три соседни држави, меѓу кои и Македонија, го затворија своето небо за рускиот авион, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров ја откажа најавената дводневна посета на Србија.
Покрај Македонија, прелет на авионот со првиот руски дипломат не дозволија и Бугарија и Црна Гора.
Руската инвазија на Украина ја натера Европската Унија да го затвори својот воздушен простор за руските авиони, на што се придружија и бројни други држави, а изутрината со официјално објаснување се јави и македонското МНР.
„Министерството за надворешни работи го одби барањето на руската амбасада за специјално одобрение за користење на воздушниот простор за лет до Белград, поради тоа што Владата веќе има донесено општа одлука за затворање на воздушниот простор на Северна Македонија за авио-превозници во сопственост на Руската Федерација”, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Македонија забрани прелет на руски летала три дена по руската агресија во Украина, по препорака на земјите членки на ЕУ кои претходно донесоа таква одлука.
Забраната првично важи за три месеци и истекува на 27 јуни, а од неа се изземени само хуманитарните и летовите во случаи на итност.
Остра реакција на ваквиот потег стигна од Москва. Затворивте уште еден комуникациски канал, обвинува портпаролката на руското МНР.
„На крајот на краиштата, нема да има железни завеси од наша страна, не мора да се грижите. Европската Унија е таа што со завеса ја заградува Русија. Вашите грешки се тоа што сте премногу себични, што мислите дека сте во центарот на светот, дека освен вас, нема други народи во светот. Немате морално право некого да учите нешто”, изјави Захарова.
Со реакција се јави и заменик-претседателот на Советот на руската федерација Константин Косачев, кој побара реакцијата на Москва и на Белград да биде заедничка и крајно остра. Според него, одбивањето на Бугарија, Црна Гора и на Македонија да го пуштат авионот на Лавров во Србија, не е одлука на овие три земји.
„Сите три земји го загубија својот суверенитет со влезот во НАТО“, вели Косачев, додавајќи дека Алијансата се обидува да го окупира и потчини остатокот од Европа со директно мешање во билатералните работи на Русија и Србија.
-
Горан Симоновски
Сите содржини од овој новинар
