Македонија го освои вториот сребрен медал на Интернационалната олимпијада по информатика во Јапонија
Македонските средношколци освоија еден сребрен и еден бронзен медал на 30-тата по ред Интернационална Олимпијада по Информатика (ИОИ 2018), која од 1-ви до 8-ми септември се одржува во Цукуба, Јапонија.
Македонскиот тим на овој престижен натпревар од областа на програмирањето за средношколци во светски рамки, е составен од учениците Владимир Максимовски, Мартин Динев, Андреј Величковски и Филип Михов, предводени од лидерите, м-р Весна Димитриевска и м-р Емил Станков од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.
Здружението на информатичарите на Македонија во денешното соопштение посочуваат дека во текот на изминативе десетина години нашите претставници на ИОИ континуирано постигнуваат одлични резултати, освојувајќи медали речиси секоја година. Успехот оваа година, се подвлекува, е уште позначаен заради освоениот сребрен медал, кој е втор ваков медал во историјата на македонски учества на оваа олимпијада.
На ИОИ 2018 учествуваат вкупно 335 ученици од 87 земји од целиот свет.
- Во ваква исклучително силна конкуренција, вториот сребрен медал во историјата за Македонија го освои Владимир Максимовски, додека бронзениот медал го освои Андреј Величковски. И останатите двајца наши натпреварувачи постигнаа забележителни резултати, при што Мартин Динев беше на дофат на освојување на бронзен медал, а од ова извонредно достигнување го делеа само десетина поени од можните 600, стои во соопштението.
Од првото учество како независна држава на ИОИ во 1996 година, во последните години Македонија има резултати со кои може да се пофалат релативно мал број од земјите учеснички: освоени 2 сребрени и 16 бронзени медали, а особено земјите кои по големина се колку нашата.
ИОИ е најпрестижниот годишен интернационален натпревар во програмирање за средношколци кој традиционално се одржува во една од земјите кои се членки на ИОИ заедницата. Во речиси 90 држави од светот секоја година се организираат национални натпревари во програмирање. На овие натпревари учествуваат вкупно околу 250 000 ученици, сите со единствена желба, да се изборат за големата чест и привилегија да ја претставуваат својата држава на ИОИ.
Според претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија, проф. д-р Миле Јованов, здружението неуморно работи на промоција на натпреварите и информатиката како наука, селекција на најдобрите натпреварувачи и нивна подготовка за екстремно напредните содржини кои се дел од олимпијадата.
Ново на Сител
-
Телефонски разговор Ципрас-Заев: Ја истакнале важноста на почитувањето на Договорот од Преспа
-
Жената носи живот | Мери Амбросова | Личен развој | Sitel Podcast 036
-
„Паркови и зеленило“: Немаме склучено договор со Владата за одржување на дворот на владиниот објект
-
„Европскиот фронт“ обвинува за обид преку ДИК да му бидат одземени еден до два пратенички мандати
-
ДИК прифати приговор на коалицијата „Влен“ за избирачкото место во Желино
-
Претепан вработен во казино од три лица на кои им бил забранет влезот
-
На сила го внел во возило и му украл накит и 2.500 евра - Кривична пријава за 40 годишник од Скопје
-
Тепачка во ресторан во Драчево