Македонија
8. December 2023 - 16:50

Македонија го чествува 8-ми декември- денот на Св. Климент Охридски

Климентовото дело за нас значи светост, подвик и идентитетска насока, име и презиме, кои сме, од каде сме, какви се нашите корени и за што се бориме – на денот на Св. Климент Охридски, државно политичкиот врв со вакви пораки и со положување свежо цвеќе му оддадоа почит. Сепак, власта и опозицијата на одвоени манифестации говореа за значењето на Климентовото дело во денешно време.

На свеченоста „Св. Климент Охридски – извор на нашата духовност и образование“, премиерот Ковачевски порача дека најдобар начин да се оддаде почит на делото на Св. Климент Охридски е да се продолжи неговата мисија.

Во времиња кога сите се соочуваме со распад на системот и на општествените и хуманите вредности, делото на светителот нека биде нашата ѕвезда водилка како да се избавиме од темнината која надвиснува врз нас, порача и првиот човек на ВМРО ДПМНЕ, Мицкоски, оддавајќи почит на свеченоста „Македонија, придонесот и континуитетот од Свети Климент Охридски до денес“.

Во Собранието пак, беше доделена државната награда „Св. Климент Охридиски“. За остварување во областа на воспитанието и образованието наградата ѝ беше доделена на универзитетската професорка Рабије Мурати, додека за остварување во областа на културата и уметноста наградата ја доби филмскиот режисер Антонио Митриќески.