Македонија
15. March 2020 - 22:24

Локалните самоуправи формираат тимови со волонтери за помош на стари лица

Од денес 5 тимови на волонтери од Општина Прилеп, ќе им ги пазарат потребните намирници на старите и изнемоштени лица, хронично болните, како и на лицата со посебни потреби. Ова е само уште една од мерките на Општина Прилеп кои се воведуваат како заштита на овие ранливи категории од корона вирусот. Целта е тие во овој период да останат дома. За контакт со волонтерите е воведен бројот 048-401-700, а од утре ќе има бесплатна линија. Тимовите ќе пазарат со средства на граѓаниите, а ќе бидат достапни од 8 часот утрината па се до 18 часот. Членовите на тимовите ќе бидат строго проверени лица дека немаат корона вирус.

„Ги избираме волонтерите од Општина Прилеп волонтери за кои знаеме сигурно дека во последните 14 дена не ја напуштиле државата, не биле болни од грип или воопшто некое друго заболување. Тоа ќе бидат млади лица кои што ќе бидат заштитени со маски, ракавици, опрема и се што му е потребно“, истакна Илија Јованоски, градоначалник на Прилеп.

Од Општина Прилеп апелираат граѓаните кои не спаѓаат во овие категории на граѓани, да не ја злоупотребуваат оваа телефонска линија. Се упати апел до сите маркети и продавици да воведат и он лајн нарачки и достава на артикли до домовите на граѓани. А градоначалникот го повика бизнис секторот во овие моменти на социјално ранливите категории да им донира храна и средства за лична хигиена.