Македонија
29. November 2016 - 15:46

Лидерите на коалицијата ВМРО за Македонија на средби со граѓани во Тетово

Предводниците на коалицијата ВМРО за Македонинја Љубе Бошкоски, Љубчо Георгиевски и Стојанче Ангелов и носителот на листата за пратеници во шестата изборна единица Зоран Велковски денеска го посетија Тетово и се сретнаа со повеќе граѓани. Носителот Велковски уште еднаш го повтори ставот дека главна причина за за загадувањето на Тетово останува дивата депонија на влезот во градот кај Жито полог.

- Веднаш по промената на власта ќе се ангажираат меѓународни експерти да преземат мерки за намалување на загадувањето како и за повторно отворање на фабриката Југохром од Јегуновце бидејќи се покажа дега загадувањето пред и по неговото затворање не се промени драстично, а околу илјада вработени останаа без леб.  За нас најважно е здравјето на луѓето па потоа се останато рече Веловски.

Стојанче Ангелов рече дека нивниот носител на листата во шестата изборна единица Зоран Веловски како воен пилот во 2001 та година војувал за Македонија и Тетово, а сега војува во мир и зборува за сите граѓани.

- Заложбата на коалицијата ВМРО за Македонија е конечно Македонија да стане граѓанска држава во која сите граѓани ќе бидат исти пред законот и нема да се делиме по верска, етничка или политичка линија. Но, за тоа треба да се сопре и дискриминацијата на Македонците во Тетово особено младите кои многу тешко доаѓаат до работа поради затворањето на многу фирми тука па секојдневно мора да патуваат за работа до Скопје и назад рече Ангелов.

Љубе Бошковски најави дека покрај другите приоритети ќе се залагат за решавање на проблемот со учениците од македонска настава од  тетовската гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и неколку инфраструктурни зафати.

Според Љубчо Георгиевски, нивната заложба ќе биде и надминување на проблемите со според него несоодветната територијална организација на државата со која се уништуваат селата за сметка на градовите.

- Со последната територијална организација на државата селата со поголем број на жители загубија многи бидејќи целиот живот се концентрира во градовите или на ниво на држава каде сите се губитници а се е концентрирано во Скопје. Ваква територијална организација нема никаде во Европа и ние се залагаме за тотална децентрализација во Македонија по принципот секое село општина за да можат со средствата што ќе ги прибираат самостојно да се развиваат бидејќи сега дел од селата немаат ниту жиро сметка за сопствени средства. Со тоа ќе се надминат и меѓуетничките кавги од пред десеттина година зашто сите ќе имаат еднаков третман, рече Георгиевски.