Свет
26. July 2017 - 17:29

Либија бара од Италија воени бродови за борбата против шверцерите со луѓе

Либискиот премијер, Фајез ал-Сарај, кој ја има поддршката на ОН, побарал Италија да испрати свои бродови во либиските територијални води да помогнат во борбата против трговијата со луѓе, соопшти денеска официјален Рим.

-Сарај испрати писмо во кое побара техничка поддршка од италијанската Влада во вид на италијански поморски единици за здружената борба во либиските води против шверцерите со луѓе, рече премиерот на Италија, Паоло Џентилони, пренесоа француските медиуми.

Тој истакна дека Министерството за одбрана го разгледало барањето и дека „опциите ќе бидат разгледани со либиските власти и италијанскиот Парламент“.

Италијанскиот премиер зборуваше по состанокот со Сарај во Рим, кој е претседавач со Владата за национално единство, со седиште во Триполи.