Македонија
23. May 2022 - 18:34

Левица: Новото поскапување на струјата во јули ќе ја колабира државата

Сите енергетски компании поднесоа многу повисоки пресметки до Регулаторната комисија за енергетика за сопствените трошоци, со што неизбежно е ново поскапување на струјата кое следи од јули.

Последното поскапување беше на крајот од 2021 година кога струјата поскапи за околу 10 отсто, далеку под реалното ниво на вистинските трошоци, благодарејќи на буџетските интервенции спрема енергетските компании.

Покривањето на загубите на енергетските компании преку буџетот, од страна на власта,  беше со намера само да го амортизира народниот револт, бидејќи на сметките за струја не им дојде реалното поскапување на граѓаните. Ако тука се пресмета и намаленото ДДВ за електрична енергија од 18 на 5 отсто, ќе се види дека штетата на буџетот за санација на неспособните кадровски решенија во енергетските компании е огромна. Треба да се знае, дека поскапување на струјата не значи само повисоки сметки, туку и се одразува и во сите финансиски сретства со кои владата ги санира компаниите, како и намалената ставка на ДДВ. Дополнително, и каматите кои државата ги плаќа за задолжувањата за санирање на енергетската криза, која сама ја предизвика со инсталирање на неспособни партиски кадри на чело на енергетските компании.

Првичната проценка на штета врз буџетот, за амортизирање на кризата предизвикана од неспособноста на Владата и незините кадровски решенија, се движат околу една милијарда евра.

Во јули чека уште едно поскапување од минимум 10 отсто на сегашната цена. До крајот на годината неизвесно е дали ќе има ново поскапување директно на сметките на граѓаните, или пак власта ќе премине на проверената тактика на субвенционирање од буџет на енергетските компании.

Сето ова ќе доведе до колапс на државата во секој сегмент, поради фактот што граѓаните се финансиски истоштени, а државата е презадолжена. Дополнително, концептот приватно-јавно партнерство (ЈПП) е како чума за енергетиката во Македонија.

Последната афера на екс вице-премиерот Анѓушев со соларната електрана во Осломеј, како и криминалниот тендер за Чебрен и Галиште, преку ЈПП, ќе ја бетонира безизлезната ситуација во која се наоѓаме во однос на енергетската независност.

Левица со своите енергетски политики, втемелени на економскиот модел на социјалситичкото управување со производството и дистрибуцијата на добрата и услугите, нуди реални и издржливи решенија за долгорочен излез од оваа криза. Проектот „народни електрани” и изградба на Чебрен и Галиште од буџетски средства, како и редица други активности,  дава реална шанса за долгорочно решавање со недостатокот на електрична енергија.

Ја предупредуваме Владата и нејзините апологети, дека ние правиме разлика помеѓу „домашното” производство на струја, и реалното – „државно” производство на струја. Во „домашното”, ја сметаат и струјата произведена од приватните производители која не го подобрува квалитетот на живот на граѓаните. Тоа го осетивме на своја кожа во текот на крешендото на енергетската криза.

Замајувањето на јавноста со ваков „терминолошки бандитизам” нема да доведе до поефтинување на струјата за домаќинствата напротив, само ќе  го сокријат реалниот проблем кој е очигледен, а тоа е:

– Република Македонија нема доволно производство на струја од државни електрани поради погрешните политики на власта, како и катастрофалната кадровска политика на владеачката елита во енергетските компании.

Политичка партија Левица