Македонија
1. April 2021 - 12:11

Левица: Доколку не биде донесен нов Закон за попис, продолжува кампањата „Не отворам врата“

Доколку не биде донесен нов Закон за попис, политичката партија Левица информира дека продолжува со кампањата  „Не отворам врата“.

– Партијата Левица го повикува народот да пружи пасивен отпор и од денес да им каже големо НЕ на насилничките власти, доколку се дрзнат да го започнат пописот без донесување на нов Закон за попис по сите меѓународни стандарди и со консензус од сите парламентарни партии! Во спротивно сите заедно сплотени НЕ ОТВОРАМЕ ВРАТА на фингиран попис, се вели во соопштението од Левица.

Левица, во соопштението, укажува дека имаат силни сомнежи дека во наредните неколку дена власта, ќе врши тивко попишување, со цел да се одолговлекува процесот на одложувањето на Законот за попис, колку што е можно подолго.

– Иако пописот изминатиов период беше целосно делигитимиран, очигледно е дека власта е спремна насилнички и противзаконски да го спроведе. А на ова укажуваат фактите дека: Македонија е единствена земја каде се попишува дијаспора; Единствената земја каде граѓани ќе се попишуваат само со давање на ЕМБГ; Единствената земја каде трети лица можат да даваат лични податоци кои се заштитени со меѓународни конвенции; Единствената земја каде во законот за попис јасно не се дефинирани документите за индетификација; Единствена земја каде на една партија (ДУИ) со само 15 пратеници во Собранието и е дадено моќ на ВЕТО; И на крај, единствена земја каде, членови на Владата, на државна сметка лобираат по други држави за попишувањето само на една етничка заедница, се вели во соопштението од Левица.