Свет
14. April 2022 - 8:45

Ле Пен: Сметам дека Крим е руски и не жалам што не можам да влезам во Украина

Француската претседателска кандидатка и лидерка на националистичката десница, Марин Ле Пен, изјави дека се уште го смета Крим за руски и не жали поради забраната за влез во Украина.

-Крим е украински 26 години, но порано беше дел од Русија, па луѓето таму решија да се обединат со Русија, изјави претседателската кандидатка во интервју за телевизијата БФМ.

Таа истакна дека сега нема да оди во Киев, дури и да има можност. Ле Пен изрази надеж дека по победата на претседателските избори, украинските власти ќе ја укинат нејзината забрана за влез.

-Но, не жалам што сум прогласена за персона нон грата. Приказната не може да се препише, додаде Ле Пен.

Во неделата се одржа првиот круг од претседателските избори, според кој во трката води претседателот на земјата Емануел Макрон, но гласовите за него – 27,84 отсто, малку се разликуваат од оние на Ле Пен, 23,15 отсто. Вториот круг на гласање ќе се одржи на 24 април.

Ле Пен призна дека ако стане претседател на Франција, ќе ја повлече земјата од Северноатлантската алијанса и ќе се залага за стратешко зближување меѓу НАТО и Русија.

Ле Пен е прогласена за персона нон грата во Украина поради нејзините коментари за референдумот на Крим.