Македонија
14. September 2017 - 18:49

Лажните вести - проблем на општеството

Лажните вести и пропагандата се две актуелни прашања во Југоисточна Европа и во светот. На оваа тема беше и денешната конференција насловена „Новинарството како бојно поле - лажни вести и пропаганда“ во рамки на програмата за медиуми во Југоисточна Европа на Фондацијата Конрад Аденауер и групата „Article 10 ECHR“ Task Force од Европскиот универзитет Виадрина од Франкфурт, Германија. 

Феноменот на лажни вести е присутен во некои од медиумите во Македонија, но тоа е глобален феномен за којшто се почесто се дискутира и кој бара итни решенија и мерки со оглед на импликациите што ги создава таквиот феномен на пласирање невистини, што е различно од пропагандата и дезинформациите, вели Марина Тунева, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија. 

Тунева смета дека надминувањето на овој проблем се потребни две работи и тоа што можат да направат самите медиуми кој што професионално ја вршат својата работа и што е ова што може да се направи во однос на граѓаните кои ги консумираат информациите.

- Од искуството на Советот на етика во медиумите, многу често сме сведоци на случаи на пласирање дезинформации, погрешни информации, наведување на информации кои не се точни и се во рамки на некои претпоставени агенди или се нешто што ги создал некој друг центар или некој едноставно не ги проверува информациите и го пренесува тоа во медиумите. Една од можните мерки е да се подигне нивото на медиумска писменост кај граѓаните, вели Тунева.   

Факт е дека најмногу лажни вести има во интернет просторот и оти во однос на тоа, потенцира претседателката на СЕММ, најважна е саморегулацијата.

- Саморегулацијата е еден многу неопходен лек во однос на начинот на кој што треба да продолжат да работат овие медиуми, истакна Тунева. 

Лажните вести, според професорот Јоханес Веберлинг од Европскиот универзитет Виадрина, немаат ништо со новинарството.

- Сериозното новинарство е фундаментална основа за слободна и либерална демократија, а лажните вести се другата страна. Мислам дека лажните вести немаат ништо со новинарството и со слободата на медиумите, тие се проблем на општеството, посочува професорот од Германија. 

Смета дека граѓаните треба да ги осудат оние кои продуцираат вакви вести. - Медиумите имаат задача да ги информираат граѓаните за лажните вести - реалност наспроти лажните вести, рече Веберлинг.