Македонија
21. јуни 2020 - 16:38

Лажните профили со наградни игри може да се искористат за политичка пропаганда и ширење лажни вести

Илјадници граѓани изминативе денови наседнаа на лажните наградни игри кои осамнаа на социјалните мрежи. Експертите за интернет медиуми велат дека целта на овие лажни страни е да се соберат што е можно повеќе лајкови и во одреден момент да се искористат за политичка пропаганда.

„На почетокот споделувале хумор, сатира, забава односно теми кои што на многу граѓани им се интересни и не се политички. Но во одреден клучен момент, како на пример во тек на спроведување на некои дезинформациски кампањи ваквите фејсбук страници го менуваат фокусот и почнуваат да споделуваат лажни вести и одредена политичка пропаганда. Зошто лажни наградни игри? Најчесто темите со кои што се манипулира со граѓаните на овој начин се емотивни, па така во оваа насока, за жал се злоупотребува економската состојба на граѓаните, а секако тука е и психолошкиот момент да се добие нешто бесплатно“, вели Алексоска Росана од F2N2.

Велат дека во периодов на пандемија со вирусот се забележани доста лажни страни и информации. Посочуваат дека со ваков проблем не се соочува само земјава туку и многу други држави. Предупредуваат дека последиците од лажните страни се големи и затоа апелираат до граѓаните да внимаваат и претходно да ја проверат точноста на информацијата.

„Најголемиот ризик се зголемувањето на недовербата на граѓаните во експертските мислења, во експертската јавност, во процесите. Она што е најпримарно е транспарентноста на сите чинители, а второ потребна е една поорганизирана, покоординирана општествена акција“, вели Росана.

Пред два дена лажна наградна игра во име на Сител телевизија осамна на социјалните мрежи. На страната на непостоечки Сител ТВ МКД се ветуваа ваучери од три, шест и девет илјади денари ако корисниците ја споделат и коментираат на самата објава, поради што беше искористено логото на телевиизјата, а целиот случај за кој веднаш реагираше Сител е пријавен во МВР.