Македонија
11. October 2023 - 16:34

Лани во Македонија имало најголема смртност од рак на дојка, во Скопје термини за мамографија нема со месеци

Лани во Македонија имало најголема смртност од рак на дојка. Според статистиката на ИЈЗ во 2022 година од овој вид на карцином починале 356 жени, а во 2010-та битката со болеста ја загубиле 310, а наредната 2011–та 272 пациентки.

И годинава во месецот посветен на борба против ракот на дојка здравствените власти апелираа жените да прават редовни превентивни прегледи за навреме да се открие и третира болеста, но термини за снимање нема со месеци.

Во Скопје термин за мамографија нема до крајот на годината, а за 2024 системот не дава можност за закажување. Пациентките на државно оваа здравствена услуга можат да ја добијат само во 5 општини.

Слична е состојбата и со апаратите за Ехо на дојка. Во здравствените установи во главниот град и во Штип термини нема до крајот на годината.

Отттука, на жените кои имаат симптоми им останува или да одат во други градови низ внатрешноста или да платат од 50 до 100 евра во приватна болница.

Со проблеми да закажат терин за мамографија со години се соочуваат и матичните лекари. Онаму каде има специјалисти нема апарати или се расипани, а онаму каде има мамографи нема кој да ги исчита снимките. Состојбата е алармантна во Велес, но и во други градови во државата.

- Пациентите ни се изложени на енормни трошоци. Еве се случува пациентка да оди да прави мамографија во Штип и стигнува со такси кое го платила 2000 денари и таму и кажуваат дека апаратот не работи. Треба да има аларм за вакви ситуации каде работи, каде не апаратот, вели д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на ЗПЛРМ.

Од друга страна министерството за здравство спроведува скрининг програма за рано откривање на рак на дојка која ги опфаќа жените од 45 до 69 години. Но, многу од тие кои направиле мамографија преку скринингот реагираат дека со месеци ги чекаат резултатите. Образложението на здравствените власти за ваквата состојба е дека има мал број на радиолози во земјава, а снимките се читале двојно.