Бизнис
4. јуни 2024 - 16:42

Лани извршителите наплатиле 160 милиони евра, од кои 42 милиони од граѓаните

Извршителите лани наплатите 160 милиони евра, од кои 42 милиони евра од граѓаните. Извештајот кој го објави Комората покажува дека 93-ца извршители успеале од бизнисот, односно од компаниите кои не си ги плаќале редовно обврските да наплатат 90,34 милиони евра, од државата – скоро 30 милиони евра.  

- Најчесто не се плаќаат комуналните обврски, струја, телефон, се земаат брзи кредити, а потоа немаат пари да го вратат долгот. Должат и правни лица, кои не си ги подмируваат обврските кон доверителите, изјави Весна Деловска, претседател на Комора на извршители

Од здружението Но пасаран пак, се жалат дека извршителите ги дерат граѓаните. Од минимален долг од 60 тина денари, преку извршител сумите стигаат и до двесте евра.

- Замислете за неплатен паркинг од 60 денари, преку адвокат, па до извршител, сумата на граѓанинот му стига да плати 12,000 денари. Е сега извршителите велат, за нас е 1,000 денарио, за адвокат 6,000, за нотар 5,000, а јас се надевам дека новата власт ќе ја реши оваа неправда која им се прави со години на граѓаните, изјави Марјан Ристевски, Здружение Но пасаран

Граѓаните лани најмногу се жалеле дека извршителите не го почитуваат Законот за облигациони односи, каде каматата не смее да е повисока од долгот, но и дека долгот по 10 години ќе застари. Извршители велат – првиот дел се почитува, но временскиот период не може да се применува.

Инаку лани биле примени над 170 илјади барања за извршување, а завршени 45%, или над 76 илајди. Извештајот покажува и дека за овие 18 години преку извршителите биле наплатени близу 2 милијарди евра од должниците.