Кумановска двојка од гоџи бери произведува козметика
Нетрадиционалната култура гоџи бери се одгледува на кумановските ниви. Емилија Јакимовска, инаку професорка по македонски јазик во средното „Наце Буѓони“ и индивидуален производител и креатор на идеја за креирање козметика од гоџи бери е една од пионерите во оваа дејност. По неврзан разговор со пријатели и долго истражување на интернет, со сопругот одлучиле на наследените ниви во Клечовце да ја одгледуваат кинеската билка.
-Оттаму научивме дека има повеќе видови на гоџи бери, единица, двојка и четворка, има црвени, црни и жолти. Гоџи бери се консумира свежо или сушено. Според истражувањата содржи 18 аминокиселни и поради антиоксидантите се смета за супер храна, вели Јакимовска.
Откако склучиле договор со македонска фирма за набавка на садници и откуп, семејството Јакимовски се одлучило за сортата четири која има сладок вкус. Ги насадиле на површина од еден декар, вложиле во системот капка по капка и конструкција за поставување противградна мрежа. Со текот на годините се покажало дека птиците се непријатели на оваа бобинка, кои лани им го преполовиле родот. Искуството на Јакимовски покажува дека гоџи берито е чуствително на временските промени и не трпи ниту сонце, ниту дожд.
-Согледавме дека најмногу му годи климата во доцна пролет и рана есен, а може да се бере се до првиот мраз. Оваа култура има голема моќ на регенерирање. Плантажата се третира со органски препарати. Годинава, веќе се стекнавме со сертификат за органски производ. За жал, најавуваните пет килограми од едно дрвце не се остваруваат, бидејќи се покажа дека културата е подлежна на болести. Кај нас агрономите недоволно се запознаени како да се третира, а потребна е и редовна потхрана од органски ѓубрива, вели Јакимовска.
Производството го откупува фирмата од која се набавени садниците. Годинава, Јакимовски очекуваат 200 килограми со што ќе ги покријат трошоците за сертификат и ѓубривата. Цената на гоџи бери е 600 денари за килограм. Рачно се берат, процес што бара трпение и време. Цената за серификатот изнесува 800 денари за декар, што е скапо за индивидуалните одгледувачи.
-За потрошувачите обично оваа е нешто ново и скапо, го купуваат во крајни случаи кога веќе имаат проблеми со здравјето, мал број веќе слушнале за нив и редовно го употребуваат во својата исхрана, вели Јакимовска.
Освен плодовите, можат да се користи и коренот и листот. Во семејството Јакимовски консумираат чај, го користат и за подготовка на други јадења, поради позитивните влијанија врз здравјето.
-Државата го субвенционира органското производство, но еве за волја на вистината, не сме зеле субвенции за сертификатот уште од 2016 –та, вели Јакимовска.
Сепак, појаснува дека Министерството за земјоделство организира саеми надвор од државата и посебен акцент става на органското производство, со што македонските производители можат да ги промовираат производите пред потрошувачите и партнерите.
-Преку донесување закон за задруги сметам дека државата се обидува да ги заштити производителите и да им овозможи полесен начин до промоција и продажба, но треба и да се врати довербата на земјоделците кои претходно ја имаат изгубено. Се преземаат и мерки органските производи да бидат подостапни до пазарот и потрошувачите. Во последните години се вложува и во едуцирање на граѓаните со органско производство. Овој процес е скап и малку макотрпен. Но ако сакаме да вложиме во нашата иднина тогаш и треба да внимаваме на нашето здравје да внимаваме што конзумираме и истовремено да ја заштитиме животна средина, вели Јакимовска.
Таа е и креатор на идејата за производство на козметика од гоџи бери, што според истражувањата меѓудругото го стопира и процесот на стареење. Затоа, се одлучила место сокови и џемови да произведе и козметика. Првиот примерок го направила во домашни услови, но не и се допаѓала структурата на помадата. Бидејќи немала познавање за изработка на козметика пронашла партнер, фирма од Скопје која со години произведува природна козметика.
-Дневната и ноќната крема за лице во 2017 година ги испративме на саем за органски производи во Нинберг, Германија. Ова беше доволен поттик да направиме палета на производи од гоџи бери. Екстрактот го произведувам јас, додека останатиот дел се изработува во работилницата на „La soy“, вели Јакимовска.
Козметичките производи се изработуваат рачно и наредната година на саемот биле презентирани девет производи, дневна и ноќна крема за лице, антирид, лосион за лице, балсам за усни, пилинг за тело, млеко за тело, сапун и масло за масажа. Производите, вели таа, имаат балансирана формула наменета за обнова на еластичноста, влажноста, цврстината и тонусот на кожата и содржат специјално селектирани, хранливи, активни компоненти што ја штитат и негуваат кожата.
-Корисници на овој вид козметика, за жал, се многу малку, но како релативно нови на пазарот навистина сум задоволна од интересот кај граѓаните. Наша цел е да излеземе од границите на државата и да најдеме партнери соработници во Европа и пошироко, да ја смениме амбалажата и дизајнот, но бидејќи тоа се поголеми инвестиции ќе почекаме малку, вели Јакимовска.
Поради малиот број производители на органска козметика, сертификат не може да се извади во Македонија. Јакимовска се надева дека овој проблем ќе биде надминат и ќе се субвенционираат не само сертификатите за храна, туку и за козметика, без разлика дали сертификацијата ќе се врши во Македонија или надвор од границите.
Александра Максимовска/МИА
Ново на Сител
-
Алкалоид осминафиналист во Европскиот куп
-
Во Грузија и вечерва продолжија антивладините протести
-
ФФМ: Одложени натпреварите од 17. коло во ПМФЛ
-
Семејна драма во Штип: Мајка ја нападнала ќерка си
-
Поради снег забрани за тешки товарни возила на патот Кичево - Охрид и кај Плетвар
-
Малолетник од Скопје со нож се заканувал на соученици
-
Прегазен пешак во Битола, итно пренесен на Клиника
-
Одредена мерка притвор за тројцата учесници во инцидентите во Скопје