Македонија
14. April 2024 - 16:31

Крушево станува центар за алтернативен туризам

Крушево оваа година очекува рекорден број на параглајдеристи од 2 до 3.000 , а кога ќе се земе бројот на луѓе кои доаѓаат заедно со нив, нивни пријатели, семејството и останати, бројката на странски туристи ќе биде многу поголема. Во исчекување на оваа сезона во Крушево се реконструира патот до полетувалиштето и се гради нова инфраструктура за параглајдеристите.

„Оваа година имаме 6 интернационални натпревари, од кои што 3 се национални првенства на други држави. Оваа година за прв пат се одржува „German Open“, германско национално првенство, тоа е едно од најголемите натпревари во Европа и светот затоа што Германија е една од водечките земји во овој спорт со над 100.000 параглјадеристи и очекуваме по одржување на тој натпревар и зголемен број на туристи следните години кои што доаѓаат и од Германија“, истакна Мартин Јованоски, параглајдерист и дел од организацијата на овие настани.

Од Општината на параглајдерството гледаат како стратешка цел за развој на туризмот во овој град.

„Така што мислам дека од година во година со сето тоа што се работи со сите тие првенства што се организираат, со сите пропратни содржини кои се даваат тука како слуги, како содржини се создава една посеопфатна понуда и на таков начин се користи максиално потенцијалот кој што го има Крушево за туризмот“, вели Сотир Габелоски, Општина Крушево.

И крушевчани се согласуваат дека иднината на овој град е токму во развојот на спортски алтернативен туризам.

„Доѓаат параглајдеристи од целиот свет и ние сме навистина горди на тоа“, рече еден жител на Крушево.

„Секоја година има се поголема посетеност и параглајдеристите придонесуваат за голем развој на туризмот во Крушево“, вели друга жителка на Крушево.

Но проблем сега се јавува кај угостителите кои се плашат дали ќе можат да ги опслужат сите тие гости затоа што персоналот заминува на работа во Хрватска преку летото.

„Деца земаме од школо ги обучуваме, им даваме плата како да се искусни келнери или кувари, а сега се учат, само затоа што нема персонал. Се снајдуваме некако со тешкоти, ние што сме поискусни угостители гледаме да сме повеќе во кујната, ама ќе биде проблем голем, а се најавуваат огромен број туристи летово“, потенцираше Жан Здравески – Шапе, угостител.

Крушево полека, но сигурно, станува вистинска мека за параглајдеристите од целиот свет, на кои крушевчани мора да најдат сили да им пружат одлични услови за да повторно се враќаат тука.