Македонија
12. October 2015 - 14:51

Кризен штаб Прилеп: Нивото на Црна Река за два метра повисоко, но не е критично

Нивото на Црна Река е зголемено за околу два метра, но не е критично, а во Прилеп по интензивните дождови вчера се интервенираше на поплавени визби. Има и земјиште под вода во општината, информираа денеска од Кризниот штаб во Прилеп, за состојбата по обилните врнежи.
 
Градоначалникот Марјан Ристески изјави дека во текот на вчерашниот и денешниот ден превентивно се состана Кризниот штаб и состојбата се следи. 
 
- Водостојот на Црна Река е зголемен за цели два метра, а се контролира водостојот на Градската Река. Поголеми проблеми имаше во низинскиот дел на Пелагонија, во селата Мало и Големо Коњари и Галичани. Во селото Галичани во три куќи влезе вода во подрумите, а под вода има земјоделски површини во атарот на селото Загорани каде проблемот е со подземните води, рече Ристески.
 
Тој посочи дека во прилепската населба Тризла се поплавени улиците „Радовишка“, „Мечкин камен“, „Дабнички завој“, најмногу поради лисјата и наноси од земја кои ги затнуваат одводните шахти.
 
- Екипите на јавните комунални претпријатија постојано се на теренот и интервенираат. Имаше пријави за поплавени 15 визби. Се реагираше со пумпи и водата е исцрпена, изјави Ристески.
 
Тој нагласи дека неодамна се зајакнати насипите на Црна Река, кај Кадино Село, а се контролира и нивото на Градската Река.
 
Илко Петкоски од Центарот за управување со кризи прецизира дека од изутрината нивото на Црна Река е 3.40 метри, но не е критично.
 
- До денеска во Прилепско има наврнато речиси 100 литри вода на метар квадратен за 24 часа, иако на некои мерни места во градот се измерени 80 до 90 литри на метар квадратен. Нема место за паника. Водата е речиси повлечена, но нивото на Црна Река е зголемено. Изутрината нивото беше 3.40 метри, што е за 2 метри повеќе од вчера, но, не е на критичното ниво. Земјата не може повеќе да го прими вишокот вода, вели Петкоски.
 
Според Ѓоко Јочкоски од „Водовод и канализација“, досега се направени околу 20 интервенции.
 
- Интервенциите најмногу беа на улиците и затната канализациона мрежа од лисја и земја. Остануваме подготвени и на терен, вели Јочкоски.
 
Златко Ристески, директор на прилепски „Комуналец“ информира дека нивните екипи постојано интервенираат и се на теренот.
 
- По врнежите вчера интервенирано е на четири улици за да се исчистат наносите од земја и лисја, а тоа ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, вели Ристески.