Македонија
25. јуни 2019 - 14:05

Кривична пријава за дебраните кај кои полицијата пронајде оружје и муниција

Кривична пријава им е поднесена на двајцата дебрани кај кои полицијата на 21 јуни пронајде оружје и муниција.

Според портпаролот на Секторот за внатрешни работи од Охрид, Стефан Димоски, кривичната пријава е поднесена од Полициската станица од општа надлежност од Дебар до надлежното Јавно обвинителство, поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распркувачки материи“.

-Кривична пријава е поднесена против А.Р.(36) и Р.Р. (59), двајцата од Дебар. При извршениот претрес во нивна штала во селото Шулан, на 21 јуни годинава пронајдени и одземени беа три рачни бомби со две запалки, оквири за автоматска пушка, куршуми калибар 7,62 милиметри и други предмети, изјави Димоски.

Посочи дека од страна на судија на претходна постапка од Основниот суд Гостивар, на пријавените изречена им е мерка краткотраен притвор, а одземените предмети се предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.