Македонија
4. December 2025 - 16:49

Кривична пријава против Костадинов за проектот со електричните автобуси

Струмичката полиција поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, и уште пет други лица, меѓу кои и поранешниот директор на Јавното претпријатие Струмица-Транспорт, поради сомнение за злоупотреби во постапката за јавна набавка на електрични автобуси за потребите на општината.

Според информациите од полицијата, Костадинов се товари за кривичното дело злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство. Според полицијата, тој ангажирал лице без соодветни стручни квалификации кое учествувало во техничката евалуација на понудите и во надзорот врз реализацијата на договорот. 

Костадинов ги отфрла во целост наводите за сторено кривично дело, потенцирајќи дека проектот за набавка на електричните автобуси бил од стратешко значење за општина Струмица.

,,Верувам дека сите овие чекори се спроведени според важечките закони. Истовремено, сакам да потенцирам дека лично јас, а се надевам и сите наведени лица за кои постои сомневање, стоиме на располагање на сите надлежни органи и институции со цел да им биде елаборирано и појаснето на каков начин е спроведен овој проект, кој денес беспрекорно функционира во пракса“, напиша Костадинов, додавајќи дека не сака да дава политички коментари.