Македонија
12. January 2016 - 14:06

Кривична и за организаторот на забавата во охридскиот кафе-бар „Табана“

Охридската полиција поднесе кривична пријава против 33-годишниот И.Е. од Охрид, инаку менаџер на угостителскиот објект „Табана“ каде за време на новогодишната ноќ се случи нарушување на јавниот ред со смртни последици.

Според полицијата, пријавениот за време на дочекот на Новата година не презел соодветни мерки за одржување на јавниот ред и мир во кафе-барот, односно не презел соодветни активности да го спречи нарушувањето на јавниот ред и мир со тепачка и настанот не го пријавил во  полициската станица од општа надлежност Охрид.

Пријавениот И.Е. имал договор за краткотраен закуп на угостителскиот објект „Табана“ каде организирал прослава за дочек на новата година. Околу 2:10 часот внатре во кафе-барот во близина на шанкот, се случила жестока расправија и турканица помеѓу Бојан У. (29) од Краљево, Република Србија и сега починатото лице Димитар М. (27) од Охрид.

Истрагата на полицијата утврдила дека со своето однесување и постапка пријавениот И.Е. не се погрижил и не ги презел потребните мерки за зачувување на јавниот ред и мир во јавниот угостителски објект. Тој не презел активности за воспоставување на заштита на животот на присутните граѓани, а нарушувањето и тепачката во кафе барот „Табана“ не го пријавил во СВР Охрид.